„Стандард и Пурс“ го потврди кредитниот рејтинг на земјава ББ- со стабилен изглед


Кредитната рејтинг агенција „Стандард и Пурс“ го потврди кредитниот рејтинг на земјава на ББ- со стабилен изглед.

Како што соопштија од Министерството за финансии, од агенцијата посочуваат дека македонската економија продолжила да расте во текот на 2019 година, како и дека реализацијата на економскиот раст ги надминала нивните првични очекувања од три отсто.

„Она што е позитивно е дека економскиот раст е широко базиран, вклучувајќи го и растот на земјоделството, индустријата, градежништвото, во интервал од три отсто до пет отсто. Потрошувачката и извозот исто така бележат раст, додека инвестициите започнале да растат по период од послаба реализација, наведуваат од Агенцијата.

Агенцијата очекува растот да остане широко базиран и на производствената и на расходната страна и посочуваат дека е важен моментот дека не се очекува забавување во економиите кај главните трговски партнери на земјава. Македонскиот извоз, наведуваат, ќе остане фокусиран на Европа, главно на Германија.

Според Стандард и Пурс, најверојатно ситуацијата со корона вирусот нема директно да влијае на македонската економија, но може да се почуствува посредно преку трговските партнери на земјава, поради проблемите кои ќе се јават во глобалните синџири за набавка.

Агенцијата ги оценува како позитивни напорите на Владата да привлече странски директни инвестиции во зоните, кои континуирано сезголемуваат годиниве. Ова, како што посочуваат, особено е видливо на извозната страна, која од 2015 година наваму расте со стапки од и над десет отсто.

Во извештајот се посочува и дека агенцијата очекува земјава во следните неколку месеци да ги почне преговорите за членство во Европската унија, стои во соопштението од Министерството за финансии.

Од Народната банка на Македонија, пак, соопштија дека во рамките на извештајот, одделно внимание е посветено и на монетарната политика, надворешната позиција на економијата како битен сегмент при водењето политика на стабилен девизен курс, како и на состојбата во банкарскиот систем.
Во однос на монетaрната политика, „Стандард и Пурс“ повторно посочуваат на поголемиот простор што го има таа, во услови кога степенот на евроизација е понизок во однос на другите економии во регионот. Воедно, во извештајот се нагласуваат и мерките на Народната банка, како што е пониската задолжителна резерва за обврските на банките деноминирани во денари, што придонесува за намалување на вкупната евроизација. Во однос на надворешниот сектор, агенцијата за рејтинг за следниот период оценува умерен дефицит на тековната сметка, финансиран преку приливи од странски директни инвестиции, како дополнителна поддршка на девизните резерви.
Како и во досегашните извештаи, посебен акцент е ставен на банкарскиот систем, со укажување на неговата стабилност, ликвидност, ниското ниво на нефункционални пласмани, како и потпирањето главно на домашните депозити за финансирање на кредитната активност. Во вакви услови, агенцијата во своите проекции за следниот период очекува понатамошен кредитен раст, како поддршка на економската активност.