ССК и Занаетчиската комора здружено ќе настапуваат за подобрување на бизнис условите

Претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК), Данела Арсовска и претседателот на Занаетчиската комора, Агрон Фазлији потпишаа Договор за соработка чија цел е вложување заеднички напори за реализација на политиките неопходни за унапредување на занаетчиската дејност и креирање поволно деловно опкружување за целото стопанство.

– Сојузот се залага за обезбедување услови за работа и егзистенција за сите деловни гранки во приватниот сектор, а меѓу нив и за оваа значајна група на претприемачи. Под притисок на брзиот развој на индустријата, технолошките промени, економската трансформација, дигитализацијата, се понеповолни се условите за работа за занаетчиската дејност. Со потпишување на овој договор, ја официјализираме соработката со Занаетчиската комора и заеднички ќе делуваме за застапување на нашите интереси, изјави Арсовска.

Таа истакна и дека во насока на развојот и зајакнувањето на секторот на мали и средни претпријатија, кој е доминантен во нашето стопанство чиј составен дел е и  занаетчиството, потребно е да постојат поефикасни владини политики за поддршка.

Претседателот на Занаетчиската комора, Фазлији, оцени дека потпишувањето на овој Договор за соработка со ССК е значаен чекор.

– Во последните години, занаетчискиот сектор во нашата држава  расте и добива на важност.  Занаетчиството е важен дел од нашата економија и е движечка сила на пазарната економија на секоја држава. Во секој голем бизнис постојат делови каде што се присутни занаетчиството и занаетчиите. Поради тоа сметаме дека овој Договор за соработка помеѓу Занаетчиската комора на Република Северна Македонија и ССК е од огромно значење. Сигурни сме дека со заеднички напори и сили ќе оствариме многу успешни заеднички проекти кои ќе бидат од корист на занаетчиите и на целата деловна заедница, изјави  Фазлији.