Средношколци и студенти ја вратија модата во Штип


Текстилниот отпад, наместо да се фрли на депонијата, заврши во рацете на средношколците и студентите. Парчињата од материјалите, кои останале по процесот на производство во фабричките хали, беа искористени за креативни креации, па по подолг период градот на модата имаше и модна ревија, организирана од Кластерот за текстил. Дизајнот со нула отпад не е нова технологија, туку нов начин на размислување. Со креативните креации на младите, можеа да се видат и креативните заштитни маски, кои станаа секојдневие по прогласувањето на пандемијата. Летната сцена на штипскиот „Дом на млади“ позната по чадорот повторно оживеа со млади луѓе. Средношколката Ана Марија Тодорова е една од нив, којашто пред публиката ја покажа својата модна креација. Не е како нејзините врсници, кои бегаат од текстилот, за неа модата е начин да го изрази својот талент.

– Тоа е единствено што сакам да работам и во идина да се занимавам. Иднината ја гледам како моден дизајнер, на почетокот сакам да работам за некого, па ќе видиме натаму. Учениците од средното училиште „Димитар Мирасчиев“ работевме како тим и на модната ревија имаме пет креации. Токму и во иднина сакам да работам тимски, бидејќи работата подобро се изведува отколку сам, вели Тодорова.

Како млад човек забележува дека можноста за работа најпрвин ќе ја бара во земјава, доколку не ѝ се даде таква можност, вели, нормално е да се побара и надвор од нејзините граници.

– Сите мои другарки, сокласници, кои се запишани во средното текстилно училиште, се запишани поради љубов кон модата. Јас мислам дека тоа не треба да се суди според надворешниот изглед на училиштето, туку според она што е внатре и што може да се научи од нашите професори, вели Тодорова.

Организатор на модната ревија беше Кластерот за текстил во рамките на европскиот проект „Модерната текстилна индустрија привлечна кариера за младите генерации и придонесувач кон економскиот развој и социјален просперитет на прекуграничниот регион“. Наташа Сивевска, извршна директорка на Текстилниот кластер, вели дека низ креациите на младите можеше да се види креативната работа на пет средни училишта од Штип, Берово, Македонска Каменица, Виница и Делчево и на студентите од Техничко-технолошкиот факултет во Штип.

– Средношколците и студентите од декември 2019 година работеа на касулни колекции изработени од текстилен отпад под менторство на дизајнерката Ирина Тошева. Мотив е текстилната индустрија да се прикаже како атрактивна кариерна гранка за младите и придонесувач во економскиот развој на земјата, вели Сивевска.

Целта била да се зближат бизнис-секторот и образованието. Смета дека соработката на овој проект е успешна, а најави дека ќе продолжи и понатаму во насока на зближување на талентираните ученици, нивните наставници со бизнисот.

– Мотивација е потребна, текстилната индустрија секогаш имала негативен имиџ, не само кај нас, туку и пошироко. Токму со вакви активности и проекти, ние сакаме тој имиџ да го смениме на подобро. Кога ги гледам задоволните лица на учениците, навистина мислам дека има потенцијал и сум оптимист во наредниот период, секако кога ќе помине пандемијата, ние ќе имаме деца, коишто ќе бидат квалитетни и ќе одговорат на барањата на индустријата, рече Сивевска.

Посочи дека во насока на подобрување на состојбите во текстилниот сектор е и најавата на Министерството за образование и наука за обезбедување стипендии за учениците во текстилните училишта. Смета дека ова ќе ја подмлади работната сила во овој сектор.

– Возрасната граница, за жал, во овој сектор е доста висока, мора да признаеме и тоа е факт. Мора да признаеме и дека интересот кај децата кога се запишуваат во средните текстилни училишта не е голем. Но, ете, затоа сега сме тука за да го подобриме тоа и да ги измотивираме децата. Последиците во текстилната индустрија поради високата возрасна граница на работниците се чувствуваат најмногу во делот на продуктивноста. Тоа се искусни шивачки, квалитетот е на високо ниво, но со текот на времето продуктивноста опаѓа и една млада, свежа работна сила и тоа како ќе предизвика и подобра продуктивност, нови идеи, иновативност во насока на подобар развој на текстилната индустрија, рече Сивевска.

Директорката на СОУ„Димитар Мирасчиев“ – Штип, Катица Костова, соработката со Кластерот за текстил на овој проект ја оценува како одлична, смета дека ваквите проекти, во кои се спојува стручното образование и бизнисот даваат резултати. Учениците предизвикот го прифатиле и покрај проблемите што ги имаа за време на карантинските месеци, па целата комуникација и правење на креациите се одвивале по електронски пат од дома. Мотивацијата да се направи нешто убаво, модерно била поголема и поради тоа што користеле и текстилен отпад.

Штипската текстилна индустрија „тивко“ умира

Во штипските текстилни компании се шијат кошули, панталони, блузи, костуми, здолништа со потпис на светските модни куќи и креатори. Неколку компании направија храбар исчекор и создаваат облека потпишана со нивен бренд. Градот на модата брои над 70 текстилни компании, во кои се вработени од 7 000 до 8 000 работници и стручен кадар. Но, над десет години работодавците алармираат дека оние кои се на машините се на просечна возраст од над 45 години, за младите оваа гранка не е атрактивна. Тоа се гледа и низ бројките на запишани ученици во единственото текстилно училиште СОУ „Димитар Мирасчиев“ – Штип. Во него има само 70 ученици од прва до четврта година, а во прва година се запишале 17 ученици, и тоа не само од Штип, туку и од другите градови.

Директорката на СОУ „Димитар Мирасчиев“ – Штип, Костова, смета дека младите треба да се мотивираат и да се запишат во нивното училиште.

– Со оглед на тоа што нашиот град е текстилен има многу работни места што можат да ги пополнат од кадрите од текстилното училиште. Токму тоа треба да им биде мотивација на младите, во време кога тешко се наоѓа работа, од друга страна дипломите од средните текстилни училишта не значат дека треба да работат само на машина, учениците го завршуваат своето образование и се оспособени да работат и само, како на пример и ова што го презентираа денеска и да отворат свои модни студија, свои бутици, каде што ќе можат да ја изразат својата креативност, рече Костова.

Таа вели дека стипендиите, коишто ги најави Министерството за образование и наука за средните стручни училишта ќе бидат и дополнителен мотив за завршените деветтоодделенци, да се запишат во некое од овие училишта.

– Според мене, уште поголем успех ќе имаме доколку се поврземе со текстилните компании, тие да бидат почесто присутни кај нас во училиштата, со различни донации од материјали, коишто почнавме сега да ги добиваме и ги презентираме еве и на ревијата, до машини, обуки за наставници. Значи има многу начини на кои би можеле заеднички на тркалезни маси да ѝ дадеме значење на текстилната струка. Затоа што поголем дел од градот живее од оваа гранка, вели Костова.

Таа вели дека од минатата година средното стручно образование е реформирано и како насоки ги имаат: техничар за дизајн на облека, техничар за моделирање облека и техничар за изработка на облека. Најголем интерес на уписите во прва година имале за две насоки, техничар за дизајн и за моделирање облека.

Универзитетската професорка од Техничко-технолошкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, Ванѓа Димитриевска-Кузмановска, потенцира дека подадената рака од бизнис-секторот значи многу за студентите, мотивирајќи да го завршат своето образование. Изминатите години, како факултет и самите организирале модни ревии.

– Во нашиот град има многу креативци, и тоа не само на факултетот, туку и во средните училишта, кои потоа доаѓаат кај нас, а има и во основните училишта. Во проектите, коишто ние ги реализиравме, вклучуваме и помали деца, сакајќи да го откриеме тој талент. Тие цртаат скици, а ние правевме модели. Сметам дека во нашиот град има голем потенцијал, вели Димитриевска-Кузмановска.

Посочи дека секој студент, кој ќе заврши на Техничко-технолошкиот факултет, има иднина. Младите наставници кои работат во средното текстилно училиште во Штип доаѓаат од овој факултет.

– Од нашиот факултет заминаа студенти во Англија, кои работат во познати компании, што за нас тоа е огромен предизвик, еве сега тие ќе продолжат и на втор циклус студии. Можеби тие не останаа во државата, но сепак даваат еден огромен придонес во тие компании и тоа за нас е гордост, вели Димитриевска-Кузмановска.

Таа се надева дека повторно ќе се врати интересот на младите кон текстилот, а тоа може да се случи доколку се здружат основните, средните училишта и факултетот со бизнис-секторот.