Србија почна со заострување на правилата за престој на странци, на удар Русите


Србија почна со заострување на правилата за престој на странци, при што на удар се најдоа илјадници руски државјани кои досега престојуваа во земјата користејќи ја таканаречената „виза-ран“ практика. Новиот пристап значи дека властите повеќе не гледаат само формални влезови и излези од државата, туку го пресметуваат вкупното време на престој во период од шест месеци.

Оваа мерка потенцијално може да погоди до 150.000 руски државјани кои по почетокот на војната во Украина се преселија во Србија.

Според новите правила, странските државјани можат да престојуваат најмногу 90 дена во рамки на шест месеци, без разлика дали ја напуштале државата и повторно се враќале. Ова директно ја укинува досегашната практика каде што многумина кратко излегуваа од Србија, па повторно влегуваа за да го „ресетираат“ својот престој.

Според информации од терен, веќе се регистрирани случаи на казни и судски решенија за напуштање на државата. Властите ваквото однесување го третираат како обид за заобиколување на законите, што значи дека санкциите ќе бидат построги и системски применувани.

Аналитичарите оценуваат дека ова заострување е дел од поширок процес на усогласување на Србија со европските стандарди, особено во делот на миграционата политика.