Србија од 2017 година со електронската управа сочува 900 тони хартија


 

Од воведувањето на електронската управа во 2017 година, соседна Србија до денес, сочувала 900 тони хартија. Тоа значи дека граѓаните можеле јавните услуги да ги добијат преку интернет.

Последица на тоа е значително намалено користење хартија. Според официјалните податоци, сочувани се 180 милиони страници хартија А4 формат. Ова постигнување го коментираше премиерката Ана Брнабиќ.

„Ако тоа го претворите во дрвја, вода и електрична енергија, кои се потребни за произвоство на 180 милиони страници хартија, тоа значи дека од 1 јуни 2017 година до денеска сме сочувале 900 тони хартија. Тоа се 18.000 стебла, повеќе од 76 милиони литри вода и повеќе од 6.000 мегават часови струја. Тоа е успех за малата Србија. Може само да замислите колку е тоа во поголеми држави или во европската администрација? Може да замислите колкаво е влијанието на околината и климата?, укажа Брнабиќ.

Секако, Србија не е единствена земја која развива електронска управа. Во Естонија 99 отсто од јавните услуги се дигитализирани, 44 отсто од граѓаните електронски гласале во 2019 година, а министртите и пред пандемијата на корона вирус одржуваа состаноци преку интернет. Во Данска секое возрасно лице има е-меил адреса преку која се обраќа до јавната управа.

Брнабиќ смета дека на овој начин во јавната управа се постигнува она што е случај во приватните компании, а тоа е ефикасност, транспарентност и доверба. Како што рече, вака управата е достапна 24 часа на ден во текот на целата година.

Во Светскиот економски форум напоменаа дека пандемијата ги присили властите да ги унапредат дигиталните услуги. Брнабиќ тврди дека Србија и пред пандемијата била подготвена административните услуги и школувањето да ги спроведува преку интернет.