Србија ја презеде сопственоста на „Транспортгас“ со што доби независен оператор на гас


Министерката за рударство и енергија, Зорана Михајловиќ, денеска со директорот на „Србијагас“, Душан Бајатовиќ, потпиша договор со кој сопственоста на „Транспортгас“ се пренесува од „Србијагас“ на Република Србија, јави дописникот на МИА од Белград.

Транспортгас Србија Нови Сад е регистриран да ги извршува активностите за транспорт на природен гас и управување со системот за транспорт на природен гас.

Зорана Михајловиќ изјави дека потпишувањето на договорот претставува прв чекор во реформата не само на „Србијагас“, туку и на гасниот сектор во Србија и дека Србија добила независен оператор на гас, соопштија од кабинетот на вицепремиерката Михајловиќ.

Таа изјави дека 2021 година е исклучително важна кога станува збор за зелената енергетика и истакна дека гасните централи ќе бидат од големо значење за енергетската безбедност на Србија.

-Важно е да се градат магистрални гасоводи, да се поврзуваме со регионот и да се направи цената на гасот поодржлива, како за граѓаните, така и за економијата. Оваа година е исклучително важна и кога зборуваме за зелена Србија и зелена енергетика и гасните централи ќе бидат од големо значење за енергетската безбедност на Србија, кажа таа.

Директорот на „Србијагас“, Душан Бајатовиќ, кажа дека е важно Србија да добие независен транспортен оператор.

Бајатовиќ додаде дека „Србијагас“, во соработка со Владата и ресорното министерство, активно ќе работи на исполнување на барањата за забрзана гасификација на Србија и за спроведување на планот за преструктуирање, со цел да се исполнат барањата за отворање на кластерот 4.