Срамот не допира до Бугарија

Лидерот на ДБ, Христо Иванов, презентирајќи ги заклучоците што се усвоија подоцна, рече дека со гласањето „за“ не го креваат ветото туку напротив, го зајакнуваат 


 

Срамот не допира во Бугарија. Тоа го потврди и денешната расправа во бугарското Народно собрание која беше демонстрација на „ѓон“ образ и на политичко лицемерие. Па, така, тие што го воведоа ветото, сега зборуваа колку е важно да се тргне и колку голем интерес на Бугарија е Македонија да влезе во ЕУ. Сите што до вчера беа за кавга сега се за решение, собирајќи  политички поени на гласањето околу бугарската позиција за спорот. Притоа, главниот збор го имаше Христо Иванов од Демократска Бугарија, бидејќи двете главни политички партии во власта – ПП на Кирил Петков и БСП, се сокрија зад ГЕРБ и Бојко Борисов на некој начин.

Откако ни поставија дополнителни услови и практично изгласаа нова преговарачка рамка, откако го испофалија францускиот претседател Емануел Макрон колку имал слух за сѐ што побарале, повторно почнаа да зборуваат за големата љубов што ја имаат со нас во Македонија, колку сме браќа, колку сме пријатели, деца и родители, „Бугарија мајка“ и  слични политички повраќаници. 

Главните поенти притоа беа – дека ваков предлог повеќе нема да им се случи, дека Франција е најмоќната земја која била подготвена да застане зад нивните барања, дека најдобар начин да си ги остварат е ако почнат преговорите со Македонија, но со мала задршка – дека ако се сменат правилата на гласање во ЕУ, сѐ што договориле сега – не ќе можат да го наметнат. 

Лидерот на ДБ, Иванов, презентирајќи ги заклучоците што се усвоија подоцна, рече дека со гласањето „за“ не го креваат ветото туку напротив, го зајакнуваат. 

„Ние немаме време да не брзаме,  политичкиот прозорец што го имаме сега ќе се затвори. Француското претседателство ќе заврши и нема друга земја членка со таква моќ која може да ни даде ваква понуда“, рече Иванов, тврдејќи дека добиваат „висок степен на гаранција за бугарските барања“, практично фалејќи го предлогот до небо за да го протуркаат. 

Во расправата потоа се слушна став дека „Македонија сега ќе го изоди патот до вистината и до себе“  и дека не случајно француското претседателство со таква силина застанало зад бугарските аргументи. „Ние сакаме многу повеќе, но тоа можеме да го оствариме во двостраните односи. Не можеме да очекуваме дека 26 земји членки ќе го прават тоа за нас“, рече друг пратеник. 

Од овој тон и речиси општата егзалтираност околу предлогот отскокнуваа само настапите на пратениците од Има таков народ, кои гласаа против.

„Не кријте се, предлогот не ги опфаќа сите бугарски барања. И, не велите дека немаше притисок. И да ја изгласате оваа позиција, нема да имате општествена поддршка и ќе бидете национални предавници“, порача Тошко Јорданов од ИТН.

Според него, со предлогот на Франција се остава отворена врата македонскиот јазик да се појави во секој ЕУ документ. Тој, исто така, инсистираше историските прашања да се решат пред почнувањето  на преговорите, а не после, забележувајќи дека наредните 20 години (?), додека според него ќе преговара Македонија со ЕУ, тоа нема да го исполнуваме.

„Во ЕУ нема желба да се прими Македонија, само да се крене ветото. Со дигање на ветото остануваме без влијание во Македонија“, тврдеше патетично Јорданов, со визионерски поглед кон двецениското посакувано малтретирање на Македонија.

Само еден од пратениците забележа дека Бугарија бара од Македонија да ги отвори архивите од комунизмот, а самата тоа прашање го става под тепих, а друг дека ако се остварат најавите за квалификувано мнозинство во гласањето во ЕУ, Бугарија ќе остане без механизам за притисок, а во меѓувреме ќе ги подели двете општества и двата народа. 

Дека срамот не живее во оваа држава покажа и односот кон настаните вчера во Брисел и оценките на албанскиот премиер Еди Рама, што повеќето медиуми во Бугарија – воопшто не ги ни пренесоа. И покрај тоа, албанскиот амбасадор во Софија бил повикан во бугарското МНР за да му се врачи нота за неприфатливиот речник на Рама, место да се замислат зошто соседите се згрозуваат од нив како држава, иако им дадоа понуда „раздели па владеј“ – за Албанија да ја кренат рампата. Албанскиот амбасадор на таа дрскост одговорил – со недоаѓање.

Познат факт, притоа, е дека официјална Софија долго време играше на картата на албанското малцинство во Македонија и на можното „предавство“ на министерот Бујар Османи поради етничкото потекло, но сега се најде затечена дека не само Албанците во Македонија, туку и тие надвор се гневни на нивното однесување кон преговорите за Македонија.  Таквата политичка слепост на бугарската политика не изненадува, бидејќи постои во континуитет, а е очигледна и од штетите што ги предизвикаа за себе со ветото кон Македонија, но е несфатливо како еднаш не ја научија таа лекција.

Место тоа, срамно го убедуваа утрово Еди Рама дека „Бугарија отсекогаш била меѓу оние земји-членки на Европската унија кои ја поддржуваат европската припадност на албанскиот народ“  и дека „не е првпат да слушнат вакви неиспровоцирани остри, навредливи квалификации од шеф на влада“, обвинувајќи го Рама за „недостиг од комуникакциски вештини“. На крај памет не им е да помислат дека ги заслужуваат, додека пак новинарите од Брисел известуваа како да ѝ бил послан црвен тепих на бугарската делегација таму, а не дека беше масовно осудувана. 

„Политичарите заминуваат, нациите остануваат“, му порачаа од Софија на Рама, во ситуација кога како држава ги влошија односите како никогаш досега со три нации, т.е. соседа. (С.Ј.)