Спортско-рекреативно планинарење за лица со и без попреченост на Кожуф

Во организација на Фондацијата „Ице Бегов” и Здружението Планинарски спортски клуб „Кожуф“ – Гевгелија, изминатиот викенд се одржа третото инклузивно искачување и пешачење на планината Кожуф. Настанот што овозможува спортување, рекреација и социјализација за лица со и без попреченост, полека станува традиција на југот на Македонија, за којашто, сите се согласија – мора да продолжи.
„Третото инклузивно планинарење на Кожуф повторно нѐ собра – со заеднички чекори, со емпатија, со гласна порака дека природата е за сите! Ова не беше само планинарење. Денешниот ден беше потсетник дека инклузијата не е привилегија – туку право. Заедно, луѓе со и без попреченост, волонтери, поддржувачи, планинари, институции и пријатели, изградивме мостови на прифаќање и заедништво“, објави Фондацијата „Ице Бегов” на својата Фејсбук-страница.
Ице Бегов е младо момче од Гевгелија, кое починало за време на корона-пандемијата. Тој секојдневието го почнувал со желба да го мине денот на места и со личности кои често ги посетувал, а секоја минута му била предизвик да направи план за нова авантура, со личностите кои биле дел од неговиот живот. Со својата посебна енергија, добрина и милозливост сакал да придонесе секој во неговото присуство да се почуствува среќен, мирен и спокоен. Енергијата што ја носел со себе ја манифестирал со искрена насмевка и вистинска љубов којашто допира до секого… Неговата автентична личност го поттикна основањето на Фондацијата „Ице Бегов“, што во негова чест ќе ја продолжи неговата мисија на хуманост, ведар дух и добрина, се вели, меѓу другото, во описот на официјалната страница на Фондацијата.
Неговата мајка Елена Бегова е основач и директор на Фондацијата што постои три години. Како што тaa истакнува во повеќе наврати, главните цели на здружението, инспирирани од желбите и животот на Ице, се „семејствата каде што има лице со попреченост, помош за нив и да им го направиме животот полесен, колку што е тоа можно“.
– Планинарењето е мое хоби, иако кратко се занимавам со тоа. Планинарењето е, просто – да избегаш од секојдневието. Можам слободно да го пофалам ЗПСК „Кожуф“ којшто ни е најголем поддржувач и оттаму има најмногу волонтери во Фондацијата, вели Бегова.
Денот почна на собирното место кај Планинарскиот дом „Томе Шутов – Кротки“. По долгиот пат кон Кожуф, и заслужениот кус одмор и закуска, присутните добија избор од три можности: Пешачење од двапати по еден километар; 2 х 2,5 км; и 2 х 4 км. Но, всушност, секој доби можност сам да си ја одреди должината на изодената патека и вон тие рамки.
– Целта е да покажеме дека сите сме исто. И сите можеме!, додаде волонтерот Петар.
Во Планинарскиот дом ‘Томе Шутов – Кротки’ е изграден и првиот пристапен тоалет за лица со попреченост во планинарски објект во Македонија. Од Фондацијата истакнаа дека тоа не е само градежен зафат туку чекор кон достоинство и еднаквост.
На точките за одмор на зацртаната патека, инаку, имаше освежување за планинарите, пауза за одмор и опуштање, музика, а се сврте и по некое оро.
Настанот е поддржан од Здружението на лица со церебрална парализа и други попречености – Велес, Општина Гевгелија, Општата болница во Гевгелија, Федерацијата на планинари… Учество зедоа планинари – искусни и аматери, лекари, волонтери и ентузијасти од Гевгелија, Велес, Градско, Штип, Скопје, Куманово – од цела Македонија. Главната организаторка на настанот, Бегова нагласи дека оваа мисија ќе продолжи и следниов период.
„Продолжуваме! За инклузија, за солидарност, за иднина во којашто никој не е исклучен“, напиша таа на Фејсбук.
Па, така, мисијата продолжи вчера, со подвигот на маратонецот Антонио Пандовски.
„Од пред Соборниот храм во Скопје, Антонио тргна на своето неверојатно патување – 600 километри до Манастирот Острог, во Црна Гора! Секој чекор што го прави е за децата во Универзитетската детска клиника – Скопје“, соопшти Фондацијата „Ице Бегов“.
Организаторите објавија и линк за донации за набавка на толку неопходната медицинска опрема за лекување на децата, како и два телефонски броја.
Нивната порака е сите да бидеме хумани, солидарни и емпатични.
– Би порачала хуманоста да стане секојдневие и така да придонесе за посилна и поповрзана заедница. Секој поединец може да придонесе и барем малку, но тука ги вклучувам и компаниите коишто се срцето на тукашната економија и тие може многу да придонесат за многу похумано и посолидарно општество. Да покажат дека вистинската сила не е само во моќта и деловниот успех, туку и во помошта и поддршката онаму каде што е потребна, изјави Бегова.
На Кожуф, учесниците имаа можност да планинарат, да се забавуваат, да се одморат и да уживаат во вкусно подготвениот „војнички грав“, како што прокоментираа повеќемина присутни. На крајот од планинарењето, сите планинари добија одличје за успешно изодена рута, за спомен од настанот и дружбата.
За крај, следеше забава околу Планинарскиот дом и музика, на коишто ѕвезди беа сите присутни кои имаат свои музички вештини и го посакаа микрофонот. Се разделивме со многу емоции и врвни впечатоци од спортско-рекреативниот настан, и ветување дека вгодина повторно ќе се видиме, со заедничка надеж дека оваа традиција ќе трае и нема да заврши.