Собранието го донесе Буџетот за 2021, опозицијата го бојкотираше гласањето


Фото: Б. Грданоски

Со 62 гласа „за“, пратениците од владејачката коалиција вечерва во Собранието го донесоа Буџетот за 2021 година, откако претходно опозицијата реши да го бојкотира гласањето, па така за овој важен документ немаше воздржани и гласови „против“.

Вкупните приходи на Буџетот за 2021 се планирани на ниво од 212,6 милијарди денари, додека расходите на 247,5 милијарди денари или нешто над 4 милијарди евра. Проектираниот дефицит е 34,9 милијарди денари.

Власта и опозицијата во текот на расправата изнесоа спротивставени ставови за Предлог-буџетот за следната година.

За власта, Буџетот обезбедува одржливост, рационално трошење и е продолжение на одговорните политики спроведени во изминатиот период. Посочија дека Предлог-буџетот е фокусиран на поддршка на здравството и на економското заздравување.

Опозицијата, пак, сметаше дека предложениот Буџет е мегаломански и нереален. Со него, како што истакнаа, нема да се обезбеди финансиска консолидација, туку ќе се зголеми јавниот долг кој би достигнал 67 отсто од БДП.

Во донесениот Буџет се содржани и 18 амандмани прифатени во текот на расправата пред матичната собраниска Комисија за финансирање и буџет.

Министерот за финансии Фатмир Бесими во завршниот збор рече дека Буџетот за 2021 година се фокусира на три сегменти – справување со здравствената криза, обезбедува економски раст и  развој како и градење правна држава и продолжување на процесот на интерграција.

Во образложението пред пратениците тој посочи дека Предлог-буџетот е реален и во него се алоцирани средства онаму каде што ќе дадат најдобар ефект и резултати.

Со проекциите во Буџетот, како што истакна, се очекува да се обезбеди одржливост на домашните економски дејности и на работните места, да закрепнат одредени дејности, да се обезбеди стабилност на социјалните трансфери и да се обезбедат политики кои и понатаму ќе помогнат за спроведување на брза излезна стратегија со цел продолжување со позитивните трендови на македонската економија.

Непосредно пред гласањето, кога беше јасно дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса за Албанците, Алтернатива и Левица нема да гласаат, пратеникот Јован Митрески ваквата постапка ја нарече противдржавна.

„Во време кога секаде во светот се обединуваат сите без оглед дали се од позиција или од опозиција во борба против корона кризата, кај нас опозицијата ја напушти седницата со цел да не се донесе Буџетот“, рече тој во процедуралното обраќање.

Инаку, вкупните приходи на Буџетот од 212,6 милијарди денари се за 8,3 отсто повисоки во однос на вториот Ребаланс за 2020 година, додека расходите се планирани од 247,5 милијарди денари се за 2,1 отсто пониски во однос на вториот Ребаланс 2020 година. Проектираниот дефицит за 2021 од 34,9 милијарди денари ќе се финансира преку задолжување во странство и на домашниот пазар на државни хартии од вредност. Отплатата на главница по основ на надворешен долг го вклучува редовното сервисирање на обврските по надворешниот долг, додека отплатата на домашен долг ги опфаќа: отплати на државни обврзници во износ од 4,7 милијарди денари и отплата на структурни обврзници во износ од 1,4 милијарди денари.

„Наредната фискална година се карактеризира со се уште присутната непредвидливост околу времетраењето и интензитетот на здравствената пандемија во глобални рамки, импликациите врз буџетот и економијата во целина и потребата од поставување основа за солидно економско заздравување и забрзан раст. И покрај присутните ризици поврзани со здравствената криза, а земајќи ги предвид досега реализираните четири пакети на економски мерки, со проекциите во Буџетот за 2021 година се очекува да се обезбеди одржливост на домашните економски дејности и на работните места, да закрепнат одредени дејности, да се обезбеди стабилност на социјалните трансфери и да се обезбедат политики кои и понатаму ќе помогнат за спроведување на брза излезна стратегија со цел продолжување со позитивните трендови на македонската економија“, истакна министерот Бесими.

Во услови на очекувано закрепнување на инвестициите, потрошувачката и надворешната побарувачка, економскиот раст во земјата е проектиран на 4,1 отсто, согласно основното сценарио, кое претпоставува слабеење на здравствената криза и етапно подобрување на епидемиолошката слика, повисока искористеност на производствените и услужните капацитети, поволни ефекти од економските мерки, како и зголемена доверба кај потрошувачите и инвеститорите.

Во 2021 година се очекува извозната активност на домашните компании да забележи раст од 14 отсто, реалниот раст на бруто-инвестициите е проектиран на 7,7 отсто, каде значајно влијание врз инвестициите е предвидено да има враќањето на довербата на деловните субјекти, планираните инвестиции на јавниот сектор и зголемената поддршка за развој на приватниот сектор, иновациите и зајакнување на конкурентноста. Приватната потрошувачка е предвидено да забележи реален раст од 3,5 отсто, како резултат на очекувањата за подобрување на состојбата на пазарот на работна сила, зголемен прилив на парични дознаки од странство, но и кредитната поддршка од банките. Растот на јавната потрошувачка е проектиран на 4,3 отсто, со тоа што очекуваниот фискален импулс ќе биде канализиран и преку капиталните расходи.

Капиталните расходи за 2021 година се планирани на ниво од околу 24 милијарди денари или за 26,2 отсто повисоко во однос на планот за 2020 година, при што за финансирање на инвестициите планирано е да се обезбедуваат средства од повеќе извори и тоа: буџетски средства, ИПА фондови и заеми. Истите се наменети за интензивирање на реализацијата на инфраструктурните проекти, односно за инвестициски вложувања во патната и железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, културата, спортот, заштитата на животната средина и правосудството.

Кај капиталните расходи е важно дека се преземаат мерки за подобрување на нивната реализација. Еден од начините е воспоставување механизам за „казнување и наградување“ на буџетските корисници преку прераспределба на буџетските средства во текот на буџетската година – од оние со слаба кон оние со поголема реализација на капиталните расходи.Така буџетските корисници се задолжени со завршување на првото тримесечје да реализираат најмалку 15% од проектираните капитални расходи, со вториот најмалку 40%, со третиот најмалку 65%, согласно законот за извршување на буџет 2021. Од оние кои нема да ги реализираат средствата, истите ќе бидат насочени онаму каде има подобра реализација. 

Според Бесими, како констатација произлегува дека преземените и планираните политики и мерки ќе доведат до забрзување на економскиот раст во наредниот период и ќе го зголемат потенцијалот на раст во домашната економија преку инвестиции во инфраструктурата, енергетиката, животната средина, човечкиот капитал и дигитализацијата.

Тековните расходи за 2021 година се планирани во износ од 223,5 милијарди денари или за 4,4 отсто помалку во однос на планот за 2020 година, а се наменети за редовна исплата на плати на вработените во јавниот сектор, навремена и редовна исплата на пензии, гарантиран минимален приход и останати социјални надоместоци, исплата на субвенции во земјоделството, поддршка на малите и средните претпријатија, поддршка и субвенционирање на иновативните активности, како и поддршка на здравствениот сектор.

Овој буџет е фокусиран на доброто управување на јавните финансии, во кој се отсликани врвните приоритети на Владата насочени кон задржување на макроекономската и финансиска стабилност, ублажување на ефектот на ковид-кризата врз економијата и општеството, зачувување на здравјето на граѓаните и зачувување на економијата во целина, со интензивирање на економската активност.

За опозицијата, Дополнетиот предлог-буџет нема да ги даде очекуваните резултати. Нема да донесе подобро здравство, пофункционално образование, изградба на патишта и железници и реализација на проекти со кои ќе се поттикне економскиот раст. Според опозицијата, ќе продолжат и задолжувањата и непродуктивните трошоци.

„Во 2021 година со коронакриза Владата очекува од даноци да собере повеќе пари од 2019-та година кога немаше корона криза, вака проектираните даночни приходи се на ниво од една милијарда и 918 милиони евра, споредно со една милијарда и 898 милиони евра во 2019-та година, не слушнавме дебата на што го темели Владата овој оптимизам, како и возможно во кризна година да очекуваат да соберат повеќе пари од 2019-та година кога немаше криза ниту во Македонија, ниту во светот, Владата врз основа што очекува да собере 142 милиони евра повеќе оваа година“, праша од собраниската говорница Александар Николовски, потретседател на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник во македонското собрание.

Во однос на трошоците во Буџетот, Николоски вели дека граѓаните треба да знаат дека Владата ќе потроши историски највисоки средства само за плати, во 2021 година за плати на администрацијата ќе се потрошат 20 милиони евра повеќе, споредбено со оваа 2020 година, и издатоците од Буџетот за плати ќе изнесуваат оваа година фантастични и рекордни 510 милиони евра. Во врска со трошењата на Владата за стоки и услуги, пак, Николоски праша е каде одат 347 милиони евра кои Владата треба да ги потроши за стоки и услуги и зошто истите не се во капитални расходи, туку се во дискрециони трошења на генералниот секретар на Владата?

Пратениците од власта сметаат дека Буџетот е коректно поставен и треба да обезбеди ревитализација на економијата и враќање на патеката на економски раст, но доколку пандемијата продолжи, тогаш, според нив, бројките ќе мора да се ревидираат.

Собранието вечерва ги изгласа и измените и доплнувањата на Законот за неевидентирани лица во Матичната книга на родени и на Законот за регистрација на возила со странски регистарски таблици во РС Македонија.