Растот ќе забави на 3,2 отсто: Еве што се вели за Македонија во Пролетните прогнози на Европската комисија


Растот на домашниот бруто производ во Македонија годинава малку ќе забави на 3,2 отсто, што е за 0,1 процентен поен помалку во однос на процената од минатата есен, се вели во Пролетните прогнози на Европската комисија обхјавени денеска. За наредната 2027 година, ЕК предвидува натамошно „ладење“ на македонската економија и раст од 3,1 отсто, што е за 0,2 процентни поени помалку од претходните проекции. Исто така, како што стои во делот од прогнозите за Македонија, се очекува македонската економија да остане под силно влијание на глобалните случувања и на цените на енергијата, што врши и надолен притисок врз извозот на земјата.

Како што посочува ЕК, растот на БДП во Македонија се забрза во 2025 година, поттикнат од домашната побарувачка. Во однос на инфлацијата нотира дека по постепеното намалување на крајот на 2025 година, таа повторно засили во март годинава, особено поради зголемувањето на цените на храната и трошоците во секторот за услуги.

„Поради ранливоста на економијата на шокот од цените на енергијата, се предвидува растот да се забави во текот на прогнозниот хоризонт. Јавните приходи не се остварија толку добро како што беше планирано во 2025 година, но целта за фискален дефицит беше исполнета поради големата недоволна имплементација на капиталните расходи“, се вели во Пролетните прогнози.

Се предвидува дефицитот постепено да се намалува, но се очекува да остане над целта од 3% од БДП во 2027 година без конкретни мерки за консолидација.

Домашната побарувачка продолжува да го движи растот

Во извештајот на ЕК се велчи дека економскиот раст се забрза во 2025 година, поттикнат од инвестициите, бидејќи работите на јавните патишта добија на интензитет и приватните инвестиции се зајакнаа, поткрепени од владино субвенционираните кредити. Потрошувачката кај домаќинствата беше поддржана од зголемувањето на реалните расположливи приходи и силната кредитна експанзија. Јавната потрошувачка, исто така, даде придонес кон растот, главно поради зголемувањето на платите во јавниот сектор. Сепак, нето извозот го намали растот на БДП.

Салдото на тековната сметка значително се влоши во 2025 година, бидејќи дознаките од странство се намалија, а суфицитот во билансот на услуги се намали.

„Се предвидува економијата да расте со побавно темпо, бидејќи нето извозот продолжува да дејствува како пречка“, посочува Европската комисија.

Сепак, како што додава, и покрај негативните последици од конфликтот на Блискиот Исток, особено за цените на енергијата и храната, потрошувачката веројатно ќе остане силна, поддржана од  континуирано зголемување на реалниот расположлив доход и прелевање од тековните јавни инфраструктурни работи во домашната економија.

Се предвидува дека инвестициите ќе бидат поттикнати од понатамошно интензивирање на работите кај јавните патишта и отпорните приватни инвестиции. Секое влијание од зголемувањето на цените на увезените инпути веројатно ќе биде компензирано со континуирана фискална поддршка, што дополнително ќе ги зголеми инвестициите. Нето извозот веројатно ќе влијае на растот, иако постепено во помал степен.

„Бидејќи производството на земјата е енергетски интензивно, нејзината зависност од увезениот гас и нафта има негативно влијание врз трговскиот биланс. Се предвидува дека тековната сметка ќе се влоши во 2026 година, што одразува послаб биланс на услуги – поттикнат од зголемената побарувачка за увезени услуги поврзани со јавни инфраструктурни работи на патниот коридор 8 – и пад на билансот на тековните трансфери“, посочува Евтопската комисија.

Се очекува тековната сметка делумно да се опорави во 2027 година, во согласност со проектираното подобрување на трговскиот биланс на стоки.

„’Лепливата’ базна инфлација делумно поттикната од зголемувањето на платите, главна компонента на трошоците во секторите на услуги, како и високите цени на храната, кои сочинуваат околу 40% од индексот на потрошувачки цени, ја одржаа високата инфлација во текот на 2025 година, иако растот на платите постепено се забавува“, се нотира во Пролетните прогнози.

Како што нагласува ЕК, привремените контроли на цените на храната од страна на владата, кои завршија во април 2025 година, немаа трајно влијание врз инфлацијата.

Се предвидува дека вкупната инфлација ќе се зголеми во 2026 година, главно поради неодамнешното зголемување на трошоците за енергија, кои сочинуваат речиси една четвртина од индексот на потрошувачките цени. Се очекува инфлацијата потоа да се намали, во согласност со намалувањето на притисоците од меѓународните пазари на стоки и домашните трошоци за плати.

Растот на вработеноста ќе се забави

Во извештајот исто така се вели дека повисокото учество на пазарот на трудот и од мажите и од жените доведе до исклучително зголемување на работната сила во 2025 година. Сепак, и покрај понатамошните зголемувања на вработеноста и намалувањето на невработеноста, остануваат долгогодишните структурни проблеми, како што се високата неактивност кај работоспособното население и зголемената невработеност кај младите.

„Иако растот на платите постепено се забави во текот на 2025 година, тој сепак изнесуваше во просек 9,6%, што е намалување од 12,9% во 2024 година. Многу сектори страдаат од сериозен недостиг на работна сила, бидејќи емиграцијата на млади и квалификувани работници ја ограничува работната сила. Како резултат на тоа, понатамошните зголемувања на вработеноста и намалувањето на невработеноста веројатно ќе се намалат“, се вели во Пролетните прогнози.

 

Фискалниот простор се намалува

Во однос на јавните финансии, Европската комисија посочува дека во 2025 година, јавните приходи останаа далеку под целта на владата, додека притисоците за расходи од платите и социјалните трансфери се зголемија.

„Капиталните расходи беа намалени и пренасочени во прераспределбата на буџетот на средината на годината за да се платат претходно небуџетираните обврски за трошење. Сепак, тоа беа многу недоволно имплементирани во споредба со ревидираната цел. Се предвидува дефицитот да остане над 3% од БДП – границата поставена со новото фискално правило – во текот на целиот временски период на прогноза“, се вели во извештајот.

ЕК вели дека Владата не дефинираше конкретни мерки за поддршка на фискалната консолидација, како и дека со задолжителнатга потрошувачка која опфаќа растечки дел од вкупните расходи и зголемените трошоци за сервисирање на долгот, фискалните амортизери дополнително се намалуваат.

„Владата има високи потреби за финансирање во прогнозираниот период“, се вели во извештајот.

На крајот од делот во Пролетните прогнози за Македонија се нагласува дека текот на конфликтот на Блискиот Исток и неговото влијание врз цените на нафтата претставуваат големи ризици за макрофискалното сценарио.

„Како економија која троши многу енергија и е зависна од увоз, продолжен конфликт може да ги влоши изгледите за раст и јавни финансии, со пониски владини приходи и повисоки расходи за фискални мерки за ублажување на ценовниот шок за домаќинствата и компаниите. Ова би можело да ги намали и трошоците за јавни инвестиции. Спротивно на тоа, побрзиот напредок со структурните реформи, наведени во Планот за раст на ЕУ, би можел да го забрза растот и продуктивноста“, се вели во Пролетните прогнози на Европската комија.

Инаку, за другите земји – кандидати за влез во ЕУ, прогнозите за раст се следните: Албанија раст на БДП од 3,3 отсто, БиХ 1,8 отсто, Црна Гора 2,8 отсто, исто толку и Србија, а Турција 3 отсто.