Нов датум за исплата за премијата за тутунот – почетокот на јуни
Напнатоста кај тутунарите е голема особено што се во фаза на расадување на тутунот и парите од субвенциите им се потребни за новата реколата
БИТОЛА – Поминаа и 30 април и 20 мај нема исплата на субвенциите за тутунот. Најновиот абер од Платежната агенција е дека премијата за тутунот ќе биде исплатена во јуни.
Главното прашање за производителите на тутун во изминатите три месеци од завршувањето на откупот е кога ќе ги добијат субвенциите, дали е празна државаната каса или власта лови тутунари кои нереално пријавиле засадени ниви со тутун за да земат отповеќе субвенции, па се правда за доцнењето на исплатата?
Напнатоста кај тутунарите е голема особено што се во фаза на расадување на тутунот и парите од субвенциите им се потребни за новата реколата. Директорката на Платежната агенција, Даниела Иротова-Лазаревска денеска за „Независен“ најавува дека субенциите ќе бидат исплатени во јуни.
„Во текот на првата недела од јуни 2026 година на 15.286 производители на тутун ќе им бидат исплатени околу 2 милјарди денари.
Доцнењето на исплата се должи на контролите кои се правеа на терен за сите мерки за 2025 година, вклучително и мерката за предаден тутун во преработувачки капацитети од реколтата 2024 година“, изјави директорката на Платежната агенција Даниела Иротова на прашање на „Независен“.
За споредба, премијата за тутунот во последните три години беше исплатена во април. Така беше 2023, 2024, 2025 година.
Земјоделците паметат: „ВМРО-ДПМНЕ во 2016 ги исплати субвенциите за тутунарите дури кон крајот на септември оти ги прилонгираа парламентарните избори на 11 декември. И во 2017 премијата за тутунот беше исплатена во јули оти СДСМ еден месец претходно формираше влада, политичка ситуација после настаните од 27 април кои се одразија и во земјоделието. Во 2021 година субвенциите се исплатија на 28 мај, но да не заборавиме, тоа беше корона криза“, вели Игор Мирчески поранешен координатор на новоформираните тутунарски здруженија.
Сѐ е поскапо само што тутунарите без пари треба да ја садат новата реколта на тутунот, реагираат земјоделците.
„Иако крајниот рок за исплатата на субвенциите за тутунот е 30 јуни во услови на драстично поскапување на трошоците за новата реколта апсолутно не се сложуваме со одолговлекувањето на исплатата на субвенциите за тутунот особено што власта нема оправдување за тоа, а тутунарите се оптоварени со драстично покачени цени на енергенси, пак поскапеа дизелот, ѓубривата, репроматеријалите“, изјави Ѓеорѓи Каракашев претседател на Националната земјоделска мрежа.
Не чекаат пари само тутунарите, неисплатени се субвенциите и за одгледувачите на говеда и кози, поледелците, градинарите, пчеларите, а по Програмата за 2025 година треба да се исплатат и субвенциите за предадени градинарски култури, овошни култури, предадено млеко во регистрирани млекарници, заклани несилки, блојлери, заклани гоеници.
Сточарите веќе јавно го критикуваа министерот Трипуновски за неисплатените субвенции и бараат негова оставка. Сточарот Борче Бучински од Могила напоменува дека цената на суровото млеко е урната за 8 денари по литар. Ако лани во просек беше 33 денари литар сурово млеко сега е 25 денари за литар, вели сточарот.
Сите овие неисплатени обврски кон земјоделците и сточарите тежат неколку десетици милиони евра.
Во истовреме во целата оваа слика за македонското земјоделие нема најава ни за почеток за поднесување на барања за финансиска поддршка по Програмата за земјоделство за 2026 година, иако во уредбата е пропишано дека 15 мај ќе биде крајниот рок за поднесување на барања за растително и сточарско производство.