Пет нови лета до Виена, Краков, Вроцлав, но и до Сицилија и Сардинија


(Фото: Фејсбук ТАВ)

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, изјави дека Македонија продолжува со отворање нови авиолинии и покрај глобалната криза во авиоиндустријата, иако не бил постигнат договор со „Рајанер“.

Тој истакна дека државата останува отворена за соработка со сите авиокомпании, но нема да прифати услови кои, според него, би биле на штета на другите превозници и државните интереси.

„Даваме субвенција од 9 евра за секој странски патник на скопскиот аеродром и 12 евра за охридскиот. Ако сакаат да учествуваат, вратата е отворена. Но, не можеме да прифатиме уцени“, рече Николоски.

Тој најави пет нови авиодестинации ова лето. Austrian Airlines ќе воведе директна линија Виена–Охрид, а во јуни ќе започнат и летови од Краков и Вроцлав до Охрид. Од скопскиот аеродром ќе се воспостават и летови кон Палермо на Сицилија и Алгеро на Сардинија.

Николоски додаде дека Wizz Air ќе стационира седми авион на скопскиот аеродром, а компанијата размислува и за отворање база во Охрид.

Во однос на снабдувањето со керозин, министерот изјави дека државата располага со резерви над законскиот минимум и дека дел од регионалните аеродроми се снабдуваат токму од Македонија. објави Скопје1.мк