Претседателот на РКЕ, Ацо Ристов, предводи делегација во Кина, ќе се запознаваат со технологии за третман на отпад


Делегација предводена од Ацо Ристов, претседател на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ), во чии состав се Ане Лашкоска, заменик-министерка за животна средина, директори на дел од Јавните комунални претпријатија, Инспекторатот за животна средина и на Здружението на даватели на комунални услуги – АДКОМ престојуваат во работна посета на Народна Република Кина, соопшти РКЕ.

Размена на искуства и запознавањето со современите технологии за управување и третман на комунален отпад е целта на работната посета што се реализира во организација на Институтот за биогас при Министерството за земјоделство и рурални работи, а во соработка со Амбасадата на Народна Република Кина.

Во фокусот на посетата е споделување на најдобрите практики при воспоставување на процесите за класифицирано собирање и транспорт на отпад, како и можностите за производство на енергија од отпад – нивен развој и технологија.

РКЕ, согласно последните законски измени се стекна со проширена надлежност и е задолжена за регулирање на услугите за управување со комунален отпад. Донесување на Методологија за пресметување на цената за собирање, транспортирање и отстранување на отпад и Тарифник за депонирање на отпадот – се дел од процесите што треба да се реализираат во претстојниот период.

Регулацијата во управувањето со отпадот ќе обезбеди подобар квалитетот на услугите за потрошувачите, а за операторите ќе значи оптимизирање на трошоците и регулаторен мониторинг на инвестициите во системите за управување со отпадот и нивна модернизација се со цел заштита и унапредување на животната средина, се вели во соопштението до медиумите.