Со пур пена запечатен автомобилот на претседателката на Советот на Град Скопје


Актуелната претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева утрово  на паркингот во Аеродром си го најде автомобилот запечатен со пур пена.

„Вака ли мои сограѓани во Европа – со заплашување? Почнавте со чкртање…утрово ова? Ваквиот чин е одраз на немоќ, градоначалнику Тимчо Муцунски безбедноста на граѓаните од другата опција е загрозена, објави Јанчева на својот Фејсбук профил покрај фотографијата од својот оштетен автомобил.

Јанчева за „Слободен печат“ инцидентот го опиша како „варварски чин“.

-Што и да е позадината на ова, во 21 век не може вака да се комуницира со вакви пораки, не сме животни. Ова е варварски чин и не гледам причина за вакво однесување. Автомобилот беше паркиран на обележан паркинг простор во општина Аеродром. Со оглед на тоа што овој автомобил го вози и мојата ќерка сметам дека со ова е загрозена и безбедноста на моето семејство, изјави Јанчева.

Таа утрово случајот го пријави во полиција и инспектори од ПС Аеродром извршија увид и составија записник на паркингот каде и претходно бил оштетуван нејзиниот автомобил.