Со отпремнини до чистка во администрацијата


Околу две илјади вработени во јавната администрација во Црна Гора веднаш се пријавија да земат отпремнина за да ја напуштат службата. Тие ќе ги користат бенефитите да добиваат по 50 отсто од бруто-месечниот приход за секоја година работен стаж. Главно, станува збор за вработени што се блиску до пензија, но има и од помладите генерации кои се доволно амбициозни да ја напуштат комфорната задача и со нешто пари во готово во џебот да се обидат во приватниот сектор. Преку оваа мерка, која започна да се применува летово, владата во Подгорица сака да се ослободи од гломазната и нефункционална јавна администрација во земјата, која брои над 50.000 лица.

Проблемот со јавната управа што ги цица државните пари, а притоа не им е од голема корист на граѓаните, е идентичен кај сите земји во окружувањето. Но, секоја власт на различен начин се обидува да се справи со него. Процесот е сложен, затоа што станува збор за десетици и стотици илјади вработени лица, кои се и гласачи на избори, а и лојални партиски кадри, поради што не е лесно да се пресече.

Во Македонија, барем засега, не се планира да се спроведе црногорското сценарио. Министерот Дамјан Манчевски најави дека проектот за реорганизација и оптимизација на јавниот сектор е во финална фаза и кон крајот на годината ќе може појасно да се видат неговите контури. Процесите за зголемување на ефикасноста и за намалување на бројот на вработени ќе се одвиваат паралелно. Покрај укинувањето на вишокот работни места, предвидени се неколку генерални пакет-мерки подготвени со стопанските комори, синдикатите, граѓанскиот сектор. Идејата на Владата, која уште лани беше промовирана, е приватниот сектор да го преземе вишокот вработени во администрацијата. Едната од мерките е поголема плата во приватен сектор со субвенции од државата во делот на придонесите. Државата ќе плаќа субвенции со цел приватникот да може да му даде поголема плата на административецот што ќе ја напушти јавната управа. Втората мерка е државата да ја плати преквалификацијата, со цел работникот да има соодветни квалификации кои ги бара приватниот сектор. Третата е онаа што предизвика најголеми реакции: „мрзливите“ административци, односно оние што не си ги исполнуваат задачите, да бидат понудени на приватниот сектор.

Професорката Мирјана Најчевска напоменува оти најпрво ќе мора да се средат три крупни чистки за воопшто да стигнеме да разговараме за мерките што ги предлага Владата.

„Прво и основно е да расчистиме со сите оние што се несоодветно вработени. На сите ни е јасно дека имаме вработени на работни места каде што немало потреба од вработување. Зборуваме за лица без соодветни квалификации што се вработени на несоодветен начин. Значи, првото прочистување е ослободувањето од тие партиски кадри што се незаконски вработени. Вториот е прераспоредување на администрацијата. Гледаме дека сè уште се примаат што значи дека има места каде што се потребни. Внатрешното прераспоредување ќе овозможи соодветно искористување на администрацијата. И трето, иако можеби и најважно е да се одреди вистинскиот број на администрација што ѝ е потребна на држава со големина како нашата и со потреби како нашите. Тоа се првите три работи што мора итно да се направат пред да се прават какви било гимнастики. Дури на крајот доаѓа откривањето споредни начини за решавање на проблемот со масивната администрација“, вели Најчевска за „Независен весник“.

Според последните информации, македонската јавна администрација брои малку под 150.000 луѓе, што е исклучително висока бројка, ако се има предвид дека во земјава во моментов живеат околу 1.5 милион граѓани. Премиерот Зоран Заев рече дека до моментов на преземање на власта, таа бројка била уште повисока: околу 180.000 вработени, но оти сега имаме постепено намалување, признавајќи дека ќе бидат потребни подрастични мерки.

Се бара брза и лесна заработувачка

Всушност, главната цел е да се мотивираат вработените во јавната администрација по сопствена волја и убедување да прифатат подобро платени и поперспективни работни месат во приватниот сектор. Сепак, тоа ќе оди малку потешко затоа што сонот на најголемиот дел од работоспособните лица е да влезат под државна капа, верувајќи оти на тој начин ќе добијат релативно лесна и добро платена, а уште поважно – сигурна работа.

Анализирајќи го овој феномен што се јавува во сите транзициски земји, српскиот економист Зоран Павловиќ тврди дека се соочуваме со општо нарушување на системот на вредности. Се бара само брза заработувачка со минимален труд во удобна климатизирана канцеларија.

„Никој не сака да работи во реалниот сектор, каде што мора да се засукаат ракавите за далеку пониска плата. Фактот што на конкурсите за едно работно место во државната администрација се јавуваат стотина кандидати, а произведувачите не можат да најдат работници, бидејќи на нивните огласи не се јавува никој, ја потврдува оваа теорија. Последните децении се негува концептот според кој треба да се фатиме за работа само ако заработувачката е брза и добра. Сакаме да лежиме бадијала. Сликата на животот ни е искривена и како да не сме свесни за реалноста. Никому не му е ни на крај памет да го заработи лебот во производство или со занает. А тоа мора да се негува за да се одржи системот. Платите во реалниот сектор се дефинирани врз основа на трошоците и работниците не можат да бидат подобро платени затоа што е направен голем јаз кон јавниот сектор, каде што платите се далеку повисоки отколку што дозволува вистинската состојба“, вели Павловиќ и дополнува оти особено проблематично е што покрај одбивањето работа, младите не сакаат да се дообучат или да се дошколуваат освен доколку тоа не им донесе работа во јавната управа.

Горан Адамовски