Застрелан премиерот на Словачка, Роберт Фицо (Видео)

Популистичкиот премиер беше застрелан во по излегувањето од седницата на владата одржана во градот Хандлова. Неговата состојба е сериозна


 

Словачкиот премиер Роберт Фицо е застрелан во средата по состанок на владата, објавија локалните медиуми, при што се здобил со повреди на главата и градниот кош пред да биде однесен во болница од неговото обезбедување.

Една жена на местото на настанот во градот Хандлова, централна Словачка, беше цитирана како вели дека слушнала три или четири истрели. Го видела Фицо како паднал на земја со повреди на главата и градниот кош. Сведок изјави за Ројтерс дека слушнал неколку истрели и еден маж бил приведен од полицијата.

Популистичкиот премиер победи на општите избори минатиот октомври и се соочи со широки критики за поларизирање на политиката во централната европска држава со проруски коментари и притисок за проширување на државната контрола врз медиумите.

Словачката телевизија ТА3 објави дека биле испукани четири куршуми, при што еден го погодил Фицо во стомакот. 

Засега е нејасно во која болница е однесен Фицо. Се знае само дека со хеликоптер бил однесен од градот Хандлова. Словачката опозиција го одложи за денеска најавениот митинг за протест против политиките на владата.

Порталот „Плус еден“ објави дека состојбата на премиерот била многу сериозна. 

„Се работи на прострелни рани во стомакот и раката. Во овој момент не му е загрозен животот. Оди на операција“, изјавил изворот на порталот.

Петр Фијала, чешкиот премиер, рече дека веста за пукањето е „шокантна“.

Тој му посака брзо закрепнување на Роберт Фицо и рече „не смееме да толерираме насилство, тоа не смее да има место во општеството“.

Со реакција веднаш се јави и унгарскиот премиер Виктор Орбан.

„Бев длабоко шокиран од грозоморниот напад врз мојот пријател, премиерот Роберт Фицо. Се молиме за негово здравје и брзо закрепнување! Господ да го благослови него и неговата земја!“

Атентатот го осудија и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.