Скендер Реџепи ја прифати понудата на Мицевски


Пратеникот на Алтернатива, Скендер Реџепи, потврди за „Слободен печат“ дека го прифаќа предизвикот на координаторот на пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ, Никола Мицевски, преку нова иницијатива за гласање доверба на Владата на која нема да биде Левица, да гласа да падне Владата на Зоран Заев.
 
– Начелно го прифаќам предизвикот на Мицевски, утре претседателството на Алтернатива ќе ја донесе конечната одлука, рече Реџепи.
 
Кординаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, Никола Мицевски, денеска јавно го повика Реџепи да избере 19 пратеници од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ кои заедно со него ќе поднесат нова иницијатива до Собранието за гласање на недоверба на владата на СДСМ и ДУИ. Според Реџепи, најверојатно понудата на Мицевски ќе биде прифатена од Алтернатива, односно ќе се подготви нова иницијатива за гласање на доверба на Владата на која ќе бидат потпишани сите пратеници на Алтернатива и на другите партии кои застанаа зад предлогот, освен Левица.
 
Реџепи вели дека со ова ќе паднат во вода сите информации дека тој бил “фатен” од ДУИ и од СДСМ. Според него, новата иницијатива ќе докаже дека тој и Алтернатива во ниту еден момент не се колебале дали треба да се гласа за да ја урнат Владата. Тој објаснува дека ова нема да е пречка собраниската седница за доверба на Владата да се оддржи во петок, ден подоцна од првично закажаната за четврток, бидејќи претседателот на Собранието Талат Џафери има рок од три дена за да закаже седница.
 

Претходно ТВ Алсат објави дека и тројцата пратеници на Беса ќе гласаат за недоверба на Владата в четврток, а ако тогаш не успеат да ја урнат ќе излезат од владејачката коалиција.Во емисијата „200“ на Алсат, тој наведува дека нивниот проблем не е СДСМ, туку дека целта на Беса е да ја тргне власта од рацете на ДУИ.

„Во рушењето на владата, во чекорот што е депониран во Собранието, ќе учествуваат нашите пратеници. Што ќе биде потоа одлучуваат партиските органи. Не ги затворам опциите дека во иднина ќе можеме да разговараме со СДСМ и со премиерот Зоран Заев, за кој морам да кажам дека е еден од луѓето што најмногу се жртвуваше на патувањето на Македонија во евро-атлантските процеси“, рече Аријанит Хоџа.