Сите очи вперени во Истанбул: Почнуваат преговорите меѓу Москва и Киев, Путин испрати пратеник, а што е со Зеленски?


Денеска во Истанбул почнуваат мировните преговори меѓу Русија и Украина, речиси три и пол години од почетокот на војната. Руската делегација ја предводи советникот на Путин Медински, а се уште се чека потврда дали ќе присуствува лично украинскиот претседател Володимир Зеленски. Средбата ќе се одржи зад затворени врати во палатата Долмабахче, додека светот внимателно го следи секој чекор кон евентуален прекин на огнот.

Денеска во 1.177. на денот на војната во Украина, во Истанбул треба да започнат мировните преговори меѓу Русија и Украина. Средбата е закажана за околу 9:00 часот во палатата Долмабахче и ќе биде затворена за јавноста и медиумите, пренесува ТАСС, повикувајќи се на извори блиски до организацијата.

Руската делегација ја предводи Владимир Медински, советник на претседателот Путин, кој веќе учествуваше на слични преговори во Истанбул во 2022 година.

Во рускиот тим се и заменик министерот за надворешни работи Михаил Галузин, началникот на Дирекцијата за разузнавање на Генералштабот Игор Костјуков и заменик министерот за одбрана Александар Фомин.

Авионот со руската делегација утринава слета на аеродромот Ататурк во Истанбул, потврдија од руската авијација.

Од друга страна, иако украинските медиуми претходно објавија дека претседателот Володимир Зеленски лично ќе ја предводи делегацијата, неговото учество во самите преговори се уште не е потврдено.

Според агенцијата Укринформ, Зеленски денеска престојува во Анкара, каде ќе се сретне со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на разговори за мировните иницијативи и ќе одржи заедничка прес-конференција.

Според претходните извештаи, во украинската делегација треба да бидат шефот на кабинетот Андреј Јермак, неговиот заменик Игор Жовква, министерот за одбрана Рустем Умеров и министерот за надворешни работи Андреј Сибига.

Најавено е дека во Истанбул ќе дојде и пратеникот на Доналд Трамп, Стив Виткоф, како и американскиот државен секретар Марко Рубио, кој треба да допатува во петок.