Сијарто: Зеленски треба да покаже почит кога зборува за Унгарија

Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто денеска изјави дека украинскиот претседател Володимир Зеленски треба да покаже почит кога зборува за Унгарија, особено имајќи предвид, како што наведе, дека Украина во голема мера зависи од поддршката на ЕУ, каде што ниту една одлука не може да се донесе без согласност на Будимпешта.
Сијарто на X, одговарајќи на објава на Зеленски, напиша дека се очекува Зеленски да зборува за Унгарија и Унгарците со почит.
Зеленски претходно денеска објави дека Европа треба да го послуша повикот на американскиот претседател Доналд Трамп да престане да купува нафта од Русија.
– Треба да го поддржиме повикот на претседателот Трамп да престанеме да купуваме руска нафта овде во Европа. Кратковидо е да се оди против САД – и луѓето од Унгарија треба јасно да го слушнат ова. Енергијата од САД и другите партнери може да ја пополни празнината на европскиот пазар, напиша Зеленски.