Шведски проект за греење и ладење на болницата во Битола


 

Битола – Големото аерозагадување во Битола предизвикано не само од РЕК, туку и од локалните системи за затоплување во домаќинствата и институциите кои користат мазут, нафта, огревно дрво и други фосилни горива, беше предизвик за експертите од Кралскиот институт за технологија во Шведска да изработат физибилити-студија за еколошки систем кој ќе обезбеди греење, ладење и вентилација на Клиничката болница во Битола. Аерозагадувањето од сегашниот начин на затоплување со мазут е видливо од оџакот на котларата во болницата, затоа што системот и котлите се стари речиси половина век. По едногодишно скенирање на состојбата и истражување од страна на тимот составен од тројца професори и 12 студенти од Кралскиот институт, направен е избор за воведување хибриден систем со примена и на соларна енергија во комбинација со топлински пумпи со што би се намалила емисијата на штетните гасови во воздухот за една третина.

„Кога има сончеви денови, ќе може да се користи соларната енергија, а кога е облачно системот ќе работи на друг енергент, комбинирано е. Овие системи не се новина, сè почесто се применуваат во Германија, Швајцарија и други земји, со оглед на тоа што сончевата енергија станува сè поевтина. На места каде што има евтин гас или нафта овие системи не се популарни. Но постојат многу придобивки за животната средина со префрлување на овие системи и сакаме во иднина да имаат што поголема примена“, вели Нелсон Сомерфелт професор на шведскиот Кралски институт.

Иницијативата произлезе од долгогодишната соработка на Клиничката болница со шведската хуманитарна организација „Hand till Hand“ предводена од Марија Росенгрен, битолчанка која живее и работи во Шведска. Целта на проектот „Со хуманитарна рака до чиста енергија“ е да се подобри енергетската ефикасност, да се придонесе за намалување на загадувањето и да се подобрат условите за живот на жителите од овој регион

„Не само што нас во Битола и во земјава ни е познато дека имаме проблеми со загадениот воздухот, дека има загадувачки честитчки, туку ова е на светско ниво познато и во сите статистики пишува колку голем проблем имаме во Македонија и во Битола со загадувањето. Кога слушнаа во Кралскиот институт во Стокхолм дека ние работиме на решавање на овој проблем, тие со гордост го воведоа овој проект во нивната програма уште минатата година“, вели хуманитарката Марија Росенгрен.

Директорот на болницата Зоран Лазаров вели дека со години наназад болницата се грее на мазут, а тие како раководство го наследиле овој систем. За да ја подобрат состојбата се одлучиле на ваков проект.

„Котлите се стари, мазутот е неквалитетен и веднаш кога оџакот ќе зачади изложени сме на напади од граѓаните. Тоа не е наша вина, ова е затекната состојба. Свесни сме дека придонесуваме за загадување на воздухот во Битола, токму затоа презедовме чекори за решавање на проблемот. Се надеваме дека овој пример ќе го следат и другите институции кои предизвикуваат аерозагадување. Со проектот се добиваат многу подобри услови за пациентите, персоналот и за градот Битола. Користа е огромна, а освен еколошките придобивки, големи ќе бидат и заштедите на болницата, затоа што со овој проект нема да се плаќа греење, вентилација и ладење. Условите ќе бидат подобри“, рече Лазаров.

Следна фаза е изработка на техничка документација и аплицирање до фондови за изнаоѓање средства. Иницијаторите се надеваат дека финансии ќе се обезбедат од Светска банка, а ќе аплицираат и во европските фондови. Доколку се обезбедат пари, проектот ќе се имплементира од март и за година и пол болницата ќе добие ново греење, ладење и вентилација.

Емилија Мисирлиевски