Шведска, Норвешка и Данска ќе се вклучат во иницијативата за купување оружје за Украина

Шведска, Норвешка и Данска ќе се вклучат заедно со околу пет милијарди норвешки круни, односно 486,16 милиони американски долари, во новата иницијатива на НАТО за снабдување на Украина со американско оружје, jaвија светските агенции, повикувајќи се на соопштение од норвешката Влада.
Американскиот претседател Доналд Трамп претходно изјави дека САД ќе обезбедат оружје за Украина, кое ќе го платат европските сојузници, но не даде детали за тоа како тоа ќе функционира.
„Благодарен сум на Данска, Норвешка и Шведска за нивниот брз одговор во финансирањето на пакетот американска воена помош за Украина“, изјави генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.
Холандија вчера објави дека ќе биде првиот донатор на новиот механизам за финансирање оружје за Украина на НАТО, наречен „Список на приоритетни барања на Украина“, со уплата од 500 милиони евра.
НАТО почна со координирање на редовните големи испораки на оружје за Украина во рамки на својот нов финансиски план „Список со приоритетните барања на Украина“, откако Холандија синоќа ја објави првата пратка во вредност од 500 милиони евра (578 милиони долари), пренесе Асошиетед Прес.
Холандскиот министер за одбрана Рубен Брекелманс изјави дека неговата земја ќе достави опрема за системи за противвоздушна одбрана, муниција и друга воена помош, од кои поголемиот дел е купен од Соединетите Американски Држави.
Две испораки се предвидени до крајот на овој месец. Опремата е прилагодена на приоритетните потреби на украинската армија на бојното поле. Земјите од НАТО ќе го испратат оружјето и муницијата до конретни локации, наведува агенцијата.
„Пакетите со воена опрема ќе бидат брзо подготвени и ќе бидат испраќани редовно“, соопшти синоќа НАТО.
Најнеопходни се системите за противвоздушна одбрана, посочува агенцијата. Податоците на ОН покажуваат дека во немилосрдното руско бомбардирање во украинскиот заден дел од земјата загинале повеќе од 12.000 цивили во Украина откако Москва ја почна својата војна во соседната земја во февруари 2022 година.