Шведска не рекла „не“, уште се мисли дали да го испорача Давидовски


Македонија сè уште чека известување од Шведска дали ќе ни го екстрадира Дејан Давидовски, кој е еден од обвинетите за насилствата во Собранието од 27 април 2017 година. По информацијата во дел од македонските медиуми оти, наводно, било донесено решение за одбивање на македонското барање, ја контактиравме шведската амбасада од каде што демантираат дека тамошниот суд има донесено каква било одлука.

„Постои одлука на Окружниот суд да го задржи Дејан Давидовски во притвор додека се чека одлука за екстрадиција. Не е точно дека судот му сугерира на Давидовски да побара азил. Процесот околу барањето за екстрадиција сè уште е во тек. Предметот е префрлен до Врховниот суд за да се испита дали екстрадицијата може да се изврши под условите утврдени со закон. Нивното мислење ќе биде доставено до владата на Шведска, која треба да го даде конечниот одговор. Да резимираме: Нема одлука за екстрадиција или не. Единствено е донесено решение Давидовски да биде задржан во притвор“, тврдат од шведската амбасада во земјава за „Независен весник“.

И во Министерството за правда, како и во Кривичниот суд во Скопје, каде што според прописите треба да стигне официјалното писмо од судот во Шведска, велат дека не примиле никакво известување, поради што не можат да коментираат шпекулации објавени во дел од медиуми.

Адвокатот Звонко Давидовиќ потврдува дека ниту тој не видел официјален документ од Шведска, но дека првостепениот суд во Шведска уште минатата недела го одбил барањето на Македонија. Сега, според процедурата, слично како и во свежиот случај со Томор Морина и барањето од Србија за екстрадиција, втората инстанца е Врховниот суд, а последната – Владата во Стокхолм.

„Ми се јави адвокатот на Давидовски што го застапува во Шведска и лично ми соопшти оти одлуката на шведскиот суд е донесена во 18 точки и во нив експлицитно се објаснува оти не може да дојде до екстрадиција со образложение дека станува збор за политички, а не криминален процес и оти не постојат доволно докази за делото за кое е обвинет во земјава – тероризам. Другата страна сега има право на жалба по одлуката, а по конечната одлука, ќе биде дадена на увид на странките во Македонија“, вели Давидовиќ за „Независен весник“.

Давидовски (39) беше приведен во април годинава на аеродромот „Скаваста“ во Стокхолм поради меѓународна потерница што против него ја поднесе македонскиот Интерпол. Тој е обвинет за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста при организираниот напад на Собранието. По сослушувањето пред шведската полиција, негирал дека има врска со упадот во парламентот. По барање на шведските обвинители, тамошниот суд му изрече притвор поради опасност да побегне.

„Давидовски заедно со останатите обвинети се товари според членот 313 од Кривичниот законик за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Постапката против него беше прекината поради негово отсуство и ќе продолжи по негово пронаоѓање и обезбедување“, објаснуваат од Јавното обвинителство. Министерството за внатрешни работи и вчера го имаше Давидовски во рубриката „потраги“ на официјалната страница на министерството на интернет. Во неа се наведува оти Давидовски, роден на 26 декември 1980 година во Скопје, се бара со наредба од Основното јавно обвинителство.

Адвокатот Давидовиќ вели дека според тоа што му го кажал шведскиот колега, три точки биле клучни во наводното одбивање на екстрадицијата од страна на шведскиот суд. Прво дека е политички гонет поради што во земјава му се заканува политичко, а не криминално судење, второ дека не постојат доволно докази за дело тероризам, и трето оти за овој предмет не се води фер и законски основана постапка. Според Давидовиќ, доколку навистина се потврди дека Давидовски не може да биде екстрадиран, таквата одлука нема да влијае врз македонските судови, но ќе има голема моќ пред судот во Стразбур, каде што адвокатите на осудените планираат да ја преселат постапката по нејзината правосилност пред македонските судови.

Пресудата за крвавиот четврток беше соопштена годинава на 15 март, односно речиси две години по настанот. Ексминистерот и поранешен директор на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков доби највисока казна од 18 години затвор. По 15 години затворска казна добија полициските началници Митко Пешов, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски-Леви, разузнавачот Мунир Пепиќ, Јане Чентo, Влатко Трајковски и Никола Митревски-Кољо. Вилијам Михајловски доби 14, а Оливер Поповски 13 години затворска казна. По 12 години добија Младен Додевски, Горанче Анѓеловски и Игор Југ. Обезбедувачот Оливер Радулов доби 10 години затвор, а вработениот како обезбедување во Собранието, Абдуљфета Алими, доби 7 години. На обвинетиот Александар Василевски-Нинџа му е изречена казна затвор од 8 години. Игор Дурловски, еден од водачите на „За заедничка Македонија“, доби ослободителна пресуда. Вкупно 15 обвинети беа помилувани со Законот за амнестија во Собранието. Меѓу нив и пратениците Крсто Мукоски, Сашо Василевски и Љубен Арнаудов, кои гласаа за прифаќање на договорот за името со Грција. Подоцна, покрената е истрага за организаторите на насилните случувања. Осомничени се поранешниот собраниски спикер Трајко Велјаноски, Спиро Ристовски, Миле Јанакиески, Никола Груевски и разузнавачот Никола Бошкоски, кој е на слобода во Грција.

Горан Адамовски