Штрајк на 10.000 комунални работници во Филаделфија по неуспешните преговори со градските власти


Речиси 10.000 комунални работници во Филаделфија – кои собираат ѓубре, одговараат на повици на 911, одржуваат градски базени и извршуваат други работи – денеска стапија во штрајк откако пропаднаа преговорите за нов договор со градската власт.

Градоначалничката Шерил Паркер изјави дека градот ќе го суспендира собирањето ѓубре на некои локации, ќе затвори некои градски базени и ќе го скрати работното време на рекреативните центри, но вети дека градот ќе продолжи да функционира. 

Полицијата и пожарникарите не штрајкуваат.

Демократската градоначалничка вети дека прославата за 4 јули ќе продолжи како и вообичаено. Градските власти ги повикаа жителите да бидат трпеливи доколку треба да се јават на 911 или на градската линија за неитни случаи. Тие рекоа дека ќе отворат нови места за одложување на ѓубре.

Паркер рече дека на работниците им било понудено зголемување на платата од 13 проценти. 

-Веруваме дека тоа е фер понуда, рече Паркер, која ја презеде функцијата минатата година.

Синдикалните лидери побараа годишно зголемување на платите од осум проценти за секој вработен во следните три години, заедно со бонуси до 5.000 долари за оние кои работеле за време на пандемијата. Синдикатот, исто така, побара од градот да ги плати сите трошоци за здравствена заштита на вработените, што е 1.700 долари по лице месечно.

Во ноември, градскиот транзитен систем спречи штрајк кога страните се согласија на едногодишен договор со зголемување на платите од пет проценти.