Што се случува со една од најголемите светски економии? Германија со најлоши резултати во последните осум месеци


(Фото: Независен)

Германската економија е под зголемен притисок, а деловното расположение повторно е во опаѓање и најлошо во последните осум месеци, се заклучува во денеска објавениот извештај на Институтот за економски истражувања ИФО од Минхен.

Индексот, кој го мери деловното расположение на германските компании, падна во септември од 86,6 поени во август на 85,4 поени, се наведува во соопштението.

Германските компании беа значително помалку задоволни од актуелната деловна состојба, а песимизмот во однос на развојот на бизнисот во следните шест месеци е се поизразен.

Вредноста на подиндексот со кој компаниите ги оценуваат тековните состојби падна од августовските 86,5 поени на 84,4 поени, како и подиндексот на очекувањата за иднината, од 86,8 поени на 86,3 поени.

Индексот за мерење на деловното расположение во Германија падна на месечна основа во сите сектори – производство, услуги, трговија и градежништво, според веб-страницата на IFO.

Проблемите на германското производство се структурните предизвици, недоволните инвестиции во инфраструктурата и релативно високите цени на енергијата, а особено загрижува фактот што германските производители на автомобили и машини го губат здивот во споредба со кинеската конкуренција, изјави неодамна главниот економист на Хамбуршката Комерц Банка (HCOB), Сајрус де ла Рубиа.