Што добива, а што би изгубила Македонија со енергетските инвестиции во Александрополис


За Владата ова е важен чекор што ќе овозможи земјата да стане енергетски независна и да биде транзитна за пренос на гас, а за опозицијата станува збор за штетни енергетски политики, како од политички, така и од финансиски и економски аспект

 

Мирче Јовановски

Околу 140 милиони евра ќе треба да вложи земјава во инвестициите за кои што Владата даде зелено светло – во закуп на терминал за течен гас и во гасна централа, и двата објекти во Александрополис во соседна Грција. Во ЛНГ терминалот вреден околу 400 милиони евра Северна Македонија ќе учествува со 10 отсто, а во гасната централа вредна над 400 милиони евра ќе има удел од 25 отсто. Во првиот проект, гасниот терминал, како учесник ќе биде Национални енергетски ресурси (НЕР), а вториот, за гасната централа, Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), и двете во државна сопственост.
За Владата ова е важен чекор што ќе овозможи Македонија да стане енергетски независна и да прерасне во транзитна земја за пренос на гас, а за опозицијата станува збор за штетни енергетски политики, како од политички, така и од финансиски и економски аспект.
Премиерот Зоран Заев вели дека стануваме важна транзитна рута за природен гас во цела Југоисточна Европа.
„Повеќе нема да бидеме краен корисник на природен гас од само еден извор, туку Северна Македонија ќе биде важна транзитна рута за природен гас во цела Југоисточна Европа преку новите гасоводни интерконекции со нашите соседи“, напиша Заев на Фејсбук, откако Владата ја усвои потребата за потпишување меморандуми за соработка за двата проекти.
Станува збор за соработка помеѓу „НЕР АД“ Скопје и „Копелозу Груп“ и помеѓу „АД ЕСМ“ и „Гастрејд С.А.“ за закуп на капацитет во ЛНГ Терминалот, како и помеѓу „АД ЕСМ“ и „ДАМКО ЕНЕРЏИ С.А.“ за стекнување на 25 отсто удел во „Александрополис Електрисити Продукшн С.А.“.
Ваквата одлука по сѐ изгледа дефинитивно ја тргнува на страна намерата која ја искажа во август 2019 година, кога АД ЕСМ по насоки од Владата испрати писмо со намери до Бугарија за вложување во нуклеарната централа Белене.
Неодамна, тоа го најави и првиот човек на ЕСМ, Васко Ковачевски, кој на енергетски форум во Скопје, обелодени дека компанијата времено се откажува од инвестицијата во нуклеарната централа во Белене и се насочува кон гасната централа во Грција.
„Од бугарска страна за Белене досега неколкупати имаше најави и одложувања, нема никаква најава за почеток за таа електрана и затоа се насочуваме кон други проекти, конкретно кон комбинираната гасна електрана во индустриската зона во Александрополис, Грција, за која цениме дека е поперспективна и со повеќе изгледи да биде реализирана во разумен рок. Нам ни е важно да обезбедиме сигурно снабдување со енергија од повеќе извори и подобрување на перформансите на нашата компанија, и се разбира тоа да биде во догледна иднина“, изјави Ковачевски.
Инаку, електраната во Грција ќе биде со инсталирана моќност до 800 мегавати, и како што наведувата од Владата со учеството на ЕСМ од 25 отсто значително ќе се подобрат перформансите на домашната компанија во поглед на стабилно прозводство на електрична енергија.

Терминалот за гас во Александрополис, пак, ќе се состои од пловечки објект за складирање на течен гас со капацитет од 170.000 кубни метри и постројка за регасификација со капацитет од 5,5 милијарди кубни метри годишно. Се предвидува да почне со работа во 2023 година. Во овој проект, учествува и бугарскиот оператор на системот за природен гас „Булгартрансгас“ кој во почетокот на годинава презеде над 20 отсто од акциите на грчката компанија „Гастрејд“.
„Терминалот за течен природен гас е еден од најзначајните енергетски проекти спроведени во последниве години и е од големо значење за Југоисточна Европа, бидејќи обезбедува различни извори и патишта за снабдување со гас, ја подобрува енергетската стабилност и конкуренцијата и овозможува создавање на регионален центар за трговија со природен гас“, наведе „Гастрејд“ во соопштението од настанот.
Во него се додава дека овој гасен јазол ќе овозможи пристап до течен природен гас за пазарите на Грција, Бугарија, Србија, Романија, Северна Македонија, Молдавија и Украина.
Терминалот во Александрополис ќе биде поврзан со азербејџанскиот гасовод ТАП, грчко-бугарскиот интерконектор, идниот бугарско-српски интерконектор и подземните постројки за складирање на гас во Југоисточна Европа, што ќе бидат проширени.

За разлика од оцените на Владата за учеството во двата проекти, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека ваквото инвестирање во Грција е штетно како политички, така и финансиски и економски.
„Во ситуација кога немаме домашни инвестиции, оваа Влада ќе инвестира стотици милиони евра надвор од Македонија, 40 милиони евра во Александрополис (10 отсто од 400 милиони) и 100 милиони евра во гасна централа (25 отсто од 400 милиони) т.е. вкупно 140 милиони евра, од кои само 17 се покриени од грант од Европската унија“, се вели во реакцијата на Комисијата за енрегетика на партијата.
Според оваа партиска комисија намерата за инвестирање надвор од Македонија во енергетскиот сектор во овој момент најблаго речено е знак или за тотално неразбирање на проблематиката и економската состојба на Македонија, или намерно уништување на енергетскиот сектор. Тие сметаат дека земјата го губи суверенитетот – без сопствено производство на енергија нема суверенитет на целата земја особено во секторот на стопанството, како и дека е недозволиво да се задолжуваат генерации заради инвестирање без економско оправдување.
Тие исто така забележуваат дека не е јавно прикажана техно-економска студија за оправданост на овие инвестиции и дека „до сега се објавуваат само бројки за тоа колку државата ќе потроши, а никој не кажува бројки за тоа колку државата би добила од таквото вложување“.
Во однос на инвестирање во терминалот за течен природен гас, меѓу другото се вели дека ТПГ е поскап од природниот гас кој се транспортира низ цевководи, затоа што цената ја зголемува сложената постапка за негово добивање: ладење заради втечнување, транспорт до ладилна станица, транспорт со бродски цистерни до терминалот, потоа загревање заради испарување и повторно компримирање за да се потисне во системот од каде и Македонија би го купувала.
„Цената на тој продукт е значително повисока, во однос на природниот гас кој се транспортира преку ТАП од изворот Шахдениз 2 преку ТАНАП до Италија, за што претходната Влада на ВМРО-ДПМНЕ веќе има потпишано меморандум за можност за снабдување со природен гас“, велат од партиската комисија во подолгата објава на Фејсбук, каде што се додава дека уште поголема штета ќе се направи со инвестицијата во термоцентралата во близина на Александрополис.
„Што добива Македонија со оваа инвестиција? Право да купува определена количина електрична енергија (25 отсто од производството). Инвестицијата е само дел од цената на електричната енергија. Треба да платиме за одржување на опремата, експлоатација, транспорт на електрична енергија низ Грција и за гориво. Постројката нема да биде со когенеративен процес. Тој дел на Грција нема потреба од развиен систем за централно греење т.е. топлификација. Тоа значи дека максималното искористување на енергијата во горивото e на ниво од 50 отсто. Како сопственик на 25 отсто од акциите, Македонија ќе биде корисник на дивиденда од 25 отсто од профитот, ако се оствари“, велат од партиската комисија за енергетика.

Инаку, патот кон учество во овие проекти беше отворен минатата година кога премиерот Зоран Заев, во рамките на дводневната работна посета на Грција, оствари средба со Кристос Копелузос, извршен директор на групацијата „Копелузос“, која е основачки акционер на компанијата „Гастрејд“.

Проектот има и пошироко европско значење, што беше посочено и во ноември минатата година кога „Гастрејд“ потпиша договор за аквизиција на 20 отсто од својот основен капитал од страна на ДЕСФА С.А., сопственик и оператор на Националниот систем за пренос на природен гас на Грција. Притоа, беше наведено дека пловечката единица ќе биде поврзана со Националниот систем за природен гас на Грција преку гасовод долг 28 километри, преку кој регасификуваниот ЛНГ ќе се пренесува на пазарите на Грција, Бугарија и поширокиот регион, од Романија, Србија и Северна Македонија до Унгарија , Молдавија и Украина.

„Ова е европски проект од заеднички интерес, приоритетен проект на Европската унија, кој ја зајакнува безбедноста на снабдувањето, ги диверзифицира изворите и патиштата за снабдување со енергија, ја зајакнува конкуренцијата и поддржува воспоставување природен гас трговски центар во поширокиот регион на Југоисточна Европа, носејќи очигледни придобивки за сите крајни потрошувачи“, се вели во соопштението при потпишување на договорот.

Проектот, како што беше нагласено, ги поддржува, надополнува и работи во хармонија со другите постоечки или планирани клучни инфраструктурни проекти за гас во регионот, како што се интерконекторот Грција-Бугарија (IGB), ТАП, интерконекторот Бугарија-Србија (IBS), интерконекторот Грција-Северна Македонија, подземното складирање на гас кај Кавала и терминал за LNG во Ревитуса, со што се  обезбедуваат единствените инфраструктури за снабдување со природен гас во регионот кои се независни од преносот на гас преку турско тло. 

Во сите овие енергетски проекти забележливо е и влијанието на САД, што се виде и на конференцијата на Економист во септември минатата година во Атина, на која што учествуваше и Заев, а присуствуаше и американскиот државен секретар Мајк Помпео, на која меѓу другото стана збор за иднината на Западен Балкан и за потребата од диверзификација на снабдувањето со енергија. 

Две недели потоа во Скопје престојуваше помошникот-државен секретар за енергетика на САД Френсис Фанон, при што на заедничката прес-конференција со Заев ја истакнаа поддршката на САД за Северна Македонија да биде дел од неколку проекти кои ќе бидат значајни за земјата и регионот, како што е терминалот за течен природен гас во близина на Александропулос.

Инвестициите во Александропулос ги мотикнаа САД. Помошникот-државен секретар за енергетика на САД Френсис Фанон во Скопје изјави дека тоа е дел од геополитиката и дека ќе ги поттикне американските инвестиции во земјава

„Ова поврзување со Грција, со поддршка од САД и ЕУ, ја прави нашата земја енергетски коридор за земјите од ЈИЕ за алтерантивен пристап до значајни енергетски ресурси. Сето ова ја прави разликата што ја направивме за овие три години“, рече Заев, додвајќи дека во Атина станало збор и за повторно ставање во функција гасоводот Солун-Скопје кој е изграден во 2000 година и кој кој не е во функција од 2013 година, но и за изградбата на интерконекторот меѓу Северна Македонија и Грција кој чини 54,4 милиони евра, од кои 13 милиони се грант од ЕУ преку Берлинскиот процес, што опфаќа проектирање, изведба надзор, инспекциското тело и менаџментот.

Фанон тогааш истакна дека она што го гледаат овде е навистина трансформативно. Тој оцени дека Северна Македонија во овој проект е важна во однос на географијата како регионален центар и додаде дека ќе ги поттикнат американските инвестиции во Северна Македонија.

„Геополитичките импликации се значителни, затоа што во моментов регионот има ефективно еден добавувач на енергија и кога било која било дражва е зависна само од еден снабдувач тоа влијае на начинот на кој државата може да ги реализира своите политики. САД има долгорочен интерес за безбедноста на енергетиката во однос на зависноста од енергија и многу години всушност од времето на претседателот Реган сака да промовира диверзификација на енергија и се создава еден таков круг на опции и се создава и пазар. Ако имате само еден извор немате пазар, туку зависност“, истакна Фанон.