Штиглиц: Помошта треба да стигне до оние на кои им е најпотребна, а не до најбогатите корпорации


И покрај огромната финансиска помош од 2,7 билиони долари од американската влада, мерките беа лошо дизајнирани и тоа е причината зошто САД имаат поголема стапка на невработеност од другите напредни земји: Јосеф Штиглиц

САД се како тенџере кое секој момент може да зоврие, вели еден од најпознатите економисти и добитник на Нобеловата награда за економија во интервју за загрепски „Јутарњи лист“ 

 

Воопшто не сум изненаден од демонстрациите низ Америка бидејќи тие се последица на долго прикриваните проблеми, вели добитникот на Нобеловата награда за економија, Јозеф Штиглиц во интервју за загрепски „Јутарњи лист“. На САД гледа како на тенџере на тивок оган, подготвен да зоврие во секој момент и невозможно е да се предвиди кога тоа ќе се случи. Убиството на Џорџ Флојд кое го изврши полицијата во Минеаполис го предизвика тоа зовривање, но тоа се таложеше, ова се проблеми што траат многу долго, вели Штиглиц.

Штиглиц, поранешен советник на американскиот претседател Бил Клинтон, се смета за еден од најважните авторитети во светот во областа на макроекономијата, особено во областите поврзани со дистрибуцијата на богатството. Тој е автор на бројни научни трудови и е еден од најцитираните економисти.

Во врска со влијанието на Ковид-19 врз глобалната и врз американската економија Штиглиц вели дека станува збор за комбинација на работи што се случувале низ годините, а една од причините зошто американската економија толку била погодена е недоволната подготовка.

Можеби звучи чудно, но се сведува на 40 години дерогирање на власта што доведе до ситуација таа да не е во состојба да одговори на кризата. Кулминацијата дојде за време на администрацијата на Трамп, но мора да се признае дека станува збор за 40-годишен напад врз колективното дејствување, обид за поткопување на рамнотежата меѓу пазарот, државата и граѓанското општество. На пример, администрацијата на Трамп ја укина канцеларијата за пандемии во Белата куќа. Барак Обама ја формираше таа канцеларија во Белата куќа токму заради пандемии и таа беше уништена од Доналд Трамп. Имаме еден од најдобрите центри за контрола на заразни болести, но Трамп го намали финансирањето и одзеде дел од средствата, иако не целосно. Во САД имаме најдобри здравствени истражувања во светот, но системот е ужасен. Оваа болест ги погодува луѓето со послаба здравствена состојба, а просечниот животен век на граѓаните во Америка е помал отколку во другите напредни земји, како резултат на здравствената заштита на обичните Американци. Имаме највисок степен на нееднаквост во здравството меѓу напредните земји, а покрај тоа имаме и претседател кој е неспособен да реагира правилно“, вели Штиглиц.

Еден од најпознатите економисти во светот вели дека е погрешна одлуката на Хрватска да го воведе еврото бидејќи со тоа земјата се откажува од двете главни средства за прилагодување во случај на шок – каматната стапка и курсот

Тој се согласува дека влијаанието на корона вирусот врз светската економија ќе биде големо, додавајќи дека во САД во моментов се води дебата дали закрепнувањето ќе биде во форма на V и колку време ќе трае.

Кога заклучувањето почна во март, се очекуваше дека ќе закрепнеме брзо, отприлика како да сме ги ставиле економијата и општеството во болница десет недели, со надеж дека ќе закрепне и ќе се вратиме на старо. Во тоа време се сметаше дека сè ќе закрепне до 1 јуни“, вели Штиглиц.

Тој смета дека за економско закрепнување ќе биде неопходна континуирана владина помош која мора да биде добро дизајнирана. Проблемот, вели тој, е во тоа што и покрај огромната финансиска помош од 2,7 билиони долари од американската влада, мерките беа лошо дизајнирани и тоа е причината зошто САД имаат поголема стапка на невработеност од другите напредни земји.

Значи, дел од проблемот беше лошиот дизајн на мерките и нивното лошо спроведување. Многу пари отидоа кај луѓето на кои не им беше потребна“, вели тој и додава дека иако заклучувањето на економијата се ближи кон крајот, луѓето ќе бидат многу претпазливи и таквото претпазливо однесување ќе влијае на пониските нивоа на инвестиции, трошење, а многу компании ќе банкротираат и ќе има недостиг на финансирање.

Сето ова значи дека закрепнувањето ќе биде многу слабо. Потребно е владата да се посвети на добро насочена, сеопфатна програма која ќе се обиде да ги поврзе луѓето со работните места, што им дава пристап до средства на оние на кои им е најпотребна, а не на најбогатите корпорации. Ако го сториме тоа можеме да обезбедиме поблаг пад или помало влошување. Не можеме да избегнеме остар пад, но може да биде помалку сериозен“, вели Штиглиц.

Зборувајќои за нееднаквоста, тој вели дека за тоа не ги обвинува глобализацијата или технологијата, колку политиката која ја воспоставиле.

САД овозможија раст на монополите, ја ослабнаа моќта на работниците за преговарање, ги уништија синдикатите и направија многу за да го вратат балансот против интересите на работниците, а во интерес на корпорациите. Даночната политика, монетарната политика, корпоративно управување во Америка, е збир на работи што ја ослабнаа позицијата на работниците во однос на другите. На пример, минималната саатнина, што служи за заштита на најниско платените работници денес е пониска, ако ја вклучиме и инфлација, отколку што беше пред 60 години. Исто така исчезна улогата на владата во заштитата, што значи дека помалку образованите работници и луѓето кои се посиромашни не се во можност да заработат доволно за живот во САД. Покрај тоа, даночниот систем не е корисен за нив, како што е случајот во другите напредни земји“, вели Штиглиц.

Тој зборува и за здравстениот систем во САД, за кој вели дека е еден вид религија, и тоа многу сурова, а втората причина, која веројатно е поважна, се посебните интереси затоа што многу луѓе заработуваат многу пари врз основа на структурата на таквиот здравствен систем. „Осигурителните компании и фармацевтските компании прават милијарди. Затоа ние во Америка трошиме двојно повеќе на здравствена заштита по жител и добиваме понизок квалитет на здравствена заштита. Парите само одат за да се плати моќта на монополот“, вели познатиот нобеловец.

Во однос на влијанието на сегашната криза врз претседателските избори во САД, Штиглиц, кој не крие дека го поддржува кандидатот на Демократите, Џо Бајден, вели дека една од неповолните страни на американскиот политички систем е големиот демократски дефицит.

На пример, Демократите победија и водеа со неколку милиони гласови на последните претседателски избори, како и за време на изборите за Конгресот и во Сенатот и знаеме што се случи. Но, со оглед на тешката состојба во нашето општество од секој аспект, големите поделби, лошото справување со пандемијата, економското уништување, социјалните немири, јас сум убеден дека Бајден ќе победи и на крајот повторно ќе ги воспостави демократските процеси. Се надевам дека тогаш правилата на играта ќе се променат во смисла на поддршка на демократските резултати и дека ќе се вратиме на типот на демократија каква што требаше да бидеме“, вели Штиглиц.

Еден од најпознатите економисти во светот вели дека е погрешна одлуката на Хрватска да го воведе еврото бидејќи со тоа земјата се откажува од двете главни средства за прилагодување во случај на шок, а тоа се прилагодувањата на каматната стапка и на курсот.

Затоа толку многу земји во Европа имаат толку многу проблеми и тоа не само Грција, туку и Италија, Франција. Нивните економии не пораснаа толку колку што треба и затоа би препорачал голема претпазливост при воведувањето на еврото. Еврото е недовршен проект затоа што економијата стана некомпатибилна со политиката. Видов дека еврото навистина функционира таму каде што постои фискална поддршка за послабите земји. Товарот на прилагодувањето не се става на слабите земји, туку на посилните“, вели Штиглиц.

Интервјуто доаѓа во време кога во Хрватска е издадена неговата книга „Луѓе, моќ и профит“ (“People, Power and Profit”) во која го напаѓа предаторскиот капитализам кој започна да расте за време на Роналд Реган и доведе до енормно збогатување на помала класа претприемачи и финансиската елита, додека понискиот слој и голем дел од средната класа живее под секојдневен притисок дека може да ги загубат работните места или дека не ќе можат да го платат лекувањето ако се разболат посериозно.

„Во мојата книга ‘Луѓе, моќ и профит’ го користам зборот ‘моќ’ затоа што ја рефлектира моќта на угнетување во економските области, како што се големите монополи, но и многу други области во нашите животи: политичката моќ и немоќта на големи групи како Афроамериканци или Латиноамериканци, кои биле искористувани. Тоа чувство на угнетување, тоа е заеднички рефрен кога велиме дека Белата куќа е направена со  робовскиот труд“, вели Штиглиц во интервјуто за „Јутарњи лист“.