Шредер ќе преговара со Путин за Украина
Поранешниот германски канцелар Герхард Шредер во моментов е во Москва за да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин. Средбата, според „Политико“ е дел од преговарачките напори да се стави крај на војната во Украина.
Претходно други медиуми јавија дека Путин имал телефонски разговори денес со претседателот на Франција, Емануел Макрон и со германскиот канцелар, Олаф Шолц, но нема детали кој е резултатот од овие контакти, кои се случуваат по пропадната преговарачка рунда на министрите Сергеј Лавров и Дмитро Кулеба во Анталија.
Шредер е единствениот од поранешните странски функционери кој, и покрај притисоците од Германија, не даде оставка на високата позиција во руската нафтена компанија „Роснефт“. Тој може да се види на многу фотографии прегрнат со рускиот лидер.
Посетата на Шредер во Москва уследи по разговорите во Истанбул со украински политичар кој е член на делегацијата на земјата за мировни преговори со Русија, изјавија изворите за „Политико“.
„Украина сакаше да види дали Шредер може да изгради мост за дијалог со Путин“, вели лице запознаено со ова прашање.
Минатата недела, украинскиот амбасадор во Германија, Андриј Мелник, предложи Шредер да се обиде да посредува меѓу Москва и Киев.
Истовремено со оваа вест стигна и информацијата дека Шредер ќе се соочи со судење поради неговите блиски врски со руската влада. Обвинителството во Хановер потврди дека поднело барање до федералниот обвинител во Карлсруе, каде се наоѓа германскиот Уставен суд, да ја истражи жалбата против неколку лица, меѓу кои и Шредер. Карлсруе ќе треба да одлучи дали ќе почне истрага за обвиненија поврзани со човекови права. Жалбата се однесува на наводни „злосторства против човештвото“.
Германскиот канцелар Олаф Шолц минатата недела побара од Шредер да поднесе оставка од неговите позиции во руските државни компании. Шредер (77), кој беше канцелар на Германија од 1998 до 2005 година и член на социјалдемократите, како и сегашниот канцелар Шолц, важи за долгогодишен пријател на рускиот претседател Владимир Путин, што доведе до многу критики во Германија, особено откако Русија ја нападна Украина.
Шредер е претседател на надзорниот одбор на руската државна енергетска компанија „Роснефт“ и има водечки позиции во контроверзните проекти на гасоводите „Северен тек 1“ и „Северен тек 2“, кои имаат за цел рускиот гас директно да го доставуваат до Германија, заобиколувајќи ја Украина. Тој треба да ја преземе функцијата и во Надзорниот одбор на „Гаспром“, руска мултинационална енергетска корпорација во мнозинска државна сопственост.
И лидерите на германските социјалдемократи, Ларс Клингбеил и Саскија Ескен, минатата недела соопштија дека напишале писмо во кое го повикуваат Шредер да поднесе оставка од своите позиции во руските државни компании.