Шахпаска: Со социјално партнерство и дијалог до решенија во здравството и социјалата


Министерската за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска се сретна со претставници на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита, со кои разговараше за досегашните законски решенија кои ги уредуваат правата и обврските, поконкретно за вработените лица во социјалната заштита и можноста за нивно унапредување.

– Како репрезентативен синдикат кој се грижи за остварување и заштита на правата на вработените во овој сектор, претставниците ги посочија предизвиците со кои се соочуваат во време на Ковид-19, но и тековни прашања и потреби кои бараат дополнително разгледување и можност за нивно решавање, соопшти Министерството за труд и социјална политика.

Министерката Шахпаска истакна дека социјалното партнерство и постоењето социјален дијалог со сите засегнати страни е од огромно значење, затоа што води до изнаоѓање издржани решенија кои би одговориле на прашањата адресирани до Министерството како надлежно, а се во интерес на сите засегнати страни, работниците, но и работодавачите.

Како што информира МТСП, на средбата се разговараше и за измените во Законот за работни односи, во делот на пензионирањето на 64 години старост и 15 години стаж, со можност за продолжување на договорот за работа доколку се работи за дефицитарен кадар, како што е здравството и високото образование.

– Соговорниците изразија подготвеност за понатамошна соработка за сите прашања кои ги засегаат вработените во социјалната заштита, а се во надлежност на Министерството, наведува МТСП.