Македонија издава нова седумгодишна еврообврзница


Северна Македонија е во процес на издавање на нова седумгодишна обврзница, јави Блумберг, повикувајќи се на лице запознато со зделката, кое побарало да не биде именувано, бидејќи не е овластен да зборува јавно. Процесот е веќе започнат, пишува Блумберг во текст посветен на трендот на издавање на еврообврзници од страна на државите од Западен Балкан.

„Северна Македонија нуди обврзница со што треба да се исплати во март 2028 година, на околу 230 основни поени над средните прегледи“, пишува Блумберг, повикувајќи се на изворот.

Минатата година во екот на ковид кризата, Македонија се задолжи на меѓународниот финансиски пазар за 700 милиони евра, по каматна стапка од 3,675 проценти што беше втора најниска камата од сите дотогаш издадени обврзници. Претходно, се најавуваше дека задолжувањето ќе изнесува 800 милиони евра.

Новото задолжување доаѓа по објавување на кредитниот рејтингг од страна на „Стандард и Пурс“. Оваа агенција ја задржа оцената за Северна Македонија на ББ- со стабилен изглед.

Вчера, министерот за финансии Фатмир Бесими за време на средбата во Стопанската комора на Македонија изјави дека ќе биде издадена еврообврзница, но одби да прецизира кога и за колку и под кои услови, објаснувајќи дека секоја информација може да влијае на цената на задолжувањето.

Инаку, Блумберг пишува дека во изминатиот период годинава обврзници издале и Словенија за 2,5 милијарди евра (3 милијарди долари) во две трансакции оваа година, Хрватска од 2 милијарди евра, а Србија 1 милијарда евра.

Со ова, како што пишува оваа агенција, Балканот ја прошири доминацијата на пазарот на еврообврзници во однос на земјите од источна Европа. Годинава земјите од Западен Балкан до сега издале еврообврзници во износ од 7,8 милијарди долари додека ниту една од земјите од Источна Европа годинава се уште не се задолжила на меѓународниот пазар на капитал. 

Претходните зделки од Словенија, Србија и Хрватска ја туркаа меѓународната продажба на долгови во регионот оваа година на повеќе од половина од просекот на целата година од 2010 година, пишува Блумберг.

Во меѓувреме, поразвиените земји на север, како Полска, Унгарија и Чешка, се одвраќаат од еврообврзниците бидејќи имаат длабоки домашни пазари што треба да ги користат.
„Земјите од Балканот го претпочитаат издавањето на меѓународните пазари затоа што нивните помалку развиени локални пазари на капитал не дозволуваат собирање толку големи количини на капитал“, вели Антон Хаузер, менаџер на пари во Erste Asset Management во Виена. За инвеститорите, „долгот со повисок принос издаден од балканските земји е еден вид замена за обврзниците издадени од централноевропските земји, кои во денешно време нудат многу пониски приноси“, вели тој, пишува Блумберг. (М.Ј.)