Селмани: Заев ќе се памти по храброста и одлучноста


Поранешниот министер и екс градоначалник Имер Селмани во гостувањето на Утрински брифинг ги анализираше случувањата на македонската политичка сцена по вчерашната оставка на премиерот Зоран Заев и по настапот на претседателот Стево Пендаровски. Според него, по оставката на владата не треба да се забарикадираме, макар бил и претседателот тој кој ќе поставува црвени линии и ќе чекаме додека Бугарите се освестат и ги сменат нивните ставови.

-Секој од нас има нијанса во размислувањата за тоа како треба да се реши спорот со Бугарија и за договор евентуално прифатлив за нас и за нашите соседи. Претседателот пред десетина дена при посетата на Приштина јавно, на ставот на бугарската страна дека им требаат уште шест месеци излезе со став дека шест месеци се многу и дека наоѓањето решенија треба да се скрати на пократко време. И сега пласираниот став во Скопје дека не треба да брзаме, треба да се забарикадираме ме враќа во време кога имавме претходни претседатели кои едноставно чекаа некој да им дојде на врата и да им нуди решение. Видовме дека тоа никогаш немаше да се случи да не беше Заев и екипата околу Заев со сите жртви кои се направија пред неколку години за да се реши спорот со Грција. Во таа насока сметам дека не треба да се смени ниту интензитетот ниту  треба да покажеме дисхармонија во нашите ставови. Во најмала рака претседателот, премиерот, министерот за надворешни работи треба да се консултираат еднаш неделно за сите случувања во државата, рече Селмани.

Според него, што поскорото решавање на проблемот со Бугарија, ќе и одговара и на опозицијата која притиска за вонредни парламентарни избори.

-На опозицијата и е од корист да се реши проблемот со Бугарија, да не и остане баласт и проблем или главоболка кои тие би ја решиле. Јас би ја советувал опозицијата да ја охрабрува владата да го решава овој проблем, па ако дојде на власт опозицијата и формира влада да се справи со тековните проблеми во државата како што се економските социјалните, образовните, безбедносните, правните прашања итн. Но, додека ни виси прашањето со Бугарија, се плашам дека тешко ќе изнајдеме сила да се справиме со сите овие тековни проблеми внатре во државата, реформи во правосудниот систем, економските битки и другите проблеми кои ги мачат граѓаните, нагласи Селмани.

Тој се осврна за значењето на Зоран Заев и за идните постапки на ДУИ во формирањето на новата влада.

-Заев ќе остави длабок белег во нашата држава. Ќе се памти по храброста и одлучноста. Решавањето на проблемот со Грција и влезот во НАТО му се најголемите дострели. Меѓуетничките односи успеа да ги сведе во една константна и едноставни и последните прашања коишто беа отворени согласно рамковниот договор да се сметаат дека се затворени. Ќе остане запаметен и по одредени пропусти, гафови, избрзани изјави, но и по храброста за оставката која ја даде на две и пол години пред истекот на мандатот. Воведе многу работи, прв премиер со нов стил за комуникација со јавноста. Знам луѓе од Сарај, обични граѓани кои комуницирале со него, си постави нови стандарди, нови критериуми, рече Селмани.

Тој спомена дека се познава лично и го цени и со новиот претседател на СДСМ Димитар Ковачевски, и како технократ доаѓа во време кога на Македонија и треба еден добар технократизам со финеси на политичар кој треба да го продолжи патот на претходникот, но и да воведе новини за кои, за жал претходникот не успеал да најде начин или форма да ги реши, на пример во правосудниот систем без да навлезе директно во судството, туку преку системски решенија.

ДУИ сега ќе биде гарантот за стабилност на новата влада, па Селмани коментара:

-ДУИ секогаш знаеле на крајот да си материјализираат за нив некои политики за нив. Не е чудно и неочекувано и не е за осудување ако си проценат дека може да изгубат од својот рејтинг и поддршка, не е чудно да дојдат до заклучок дека треба да се оди на предвремени избори. Не е ниту чудно ниту невидено досега што Ахмети константно има состаноци и консултации и со претседателот на СДСМ и со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е една политика вгнездена во филозофијата на ДУИ дека секогаш си го бираат партнерот онака какошто на нив им одговара најмногу. Демократија се бројки, гласови во парламентот, едноставно решава во клучни моменти. ДУИ располага со одреден кампус во парламентот и секако е еден од главните играчи.

Според него, по НАТО и успешната приказна со Грција Ахмети и ДУИ би сакале да имаат уште една голема заслуга во својот мандат, а тоа се преговорите за членство во ЕУ и решавање на проблемот со Бугарија.

-Проблемот бенигно се појавува и расте. Знаат од искуството со Груевски дека ако еден проблем не се реши брзо тој ќе порасне. Им се брза да го решат додека спорот не е уште толку голем и може да се реши. ДУИ сега има министер за надворешни работи и од некаде мора да протече предлог решение со Бугарија. Ќе сакаат да го решат овој проблем и да се фокусираат на нивната зелена агенда. Јас ги охрабрувам сите и претседателот и премиерот и министерот да изнајдат решение со Бугарија, заклучи Селмани.