Сè уште активен пожарот на грчкиот остров Парос – нови евакуации во текот на ноќта


Подобрена е ситуацијата во пожарот во јужниот дел на грчкиот остров Парос по борбата со огнената стихија во текот на ноќта, но сè уште не е ставен под контрола, а досега, пораки од бројот 112 за итни случаи за превентивна евакуација беа испратени до жителите и сите оние кои се наоѓаат во десет села, јави дописничката на МИА од Атина.

Две пораки за превентивна евакуација на оние кои се наоѓаат во пет села, беше испратени во 1.30 часот и 40 минути подоцна, додека пак вчера, кусо по избувнувањето на пожарот пораки за евакуација добија сите оние кои се во пет населени места во јужниот дел на островот.

Пожарот избувна вчера околу 13.30 часот во област со отпад и ниска вегетација, утрово интервенираат 66 пожарникари со четири пешадиски тима кои пристигнаа од Атина, 16 возила, од воздух се гасне со пет хеликоптери и два авиони и се очекува во текот на денот да се вклучат и други воздушни средства, а помагаат и волонтери и цистерни од општината.

Целата операција на гаснење на пожарот ја координира заменик-началникот на Противпожарната служба, кој вчера замина за островот.

Противпожарните сили, како што вчера објави МИА дополнително беа засилени со пожарникари од Атина и соседните острови Сирос и Наксос, а утрово со траект од атинско пристаниште на Парос заминуваат уште 20 пожарникари со осум возила.

Портпаролот на Противпожарната служба на Грција Јанис Артопиос говорејќи утрово за државната телевизија ЕРТ рече дека станува збор за тежок пожар, посочи дека ситуацијата е значително подобрена, но објасни дека постојат повеќе одделни жаришта, распрснати на различни места што се во конкретен периметар и не претставуваат опасност за некое населено место.

Додаде дека она што ги загрижува и може да предизвика проблеми и ново разгорување е тоа што во текот на денот се очекува да се засили северниот ветар.