Се продава блиндираната лимузина на американскиот претседател

Денес, речиси сите претседатели се возат во оклопни лимузини, практика што првпат ја иницираше американскиот претседател Френклин Д. Рузвелт за време на Втората светска војна. Речиси е невозможно да се дојде до претседателска лимузина, особено кога станува збор за оние што ги користат американските претседатели.
Меѓутоа, една сега е ставена на аукција. Станува збор за лимузината „Кадилак“ што ја користел Бил Клинтон. Изработени се вкупно три примероци, во кои се вложени околу шест милиони долари. Овој специфичен примерок е произведен во 1996 година, а оваа лимузина се карактеризира со зголемување на димензиите во сите правци. Посебна карактеристика е што линијата на покривот е подигната за забележителни 7,5 см.
Кабината е целосно блиндирана, а автомобилот има сопствен систем за снабдување со кислород и противпожарна заштита. Безбедносната опрема вклучува и гуми „run-flat“, како и голем број додатоци. Седанот е придвижуван од моторот Big Block V8 на GM со околу 450 КС. Интересно е што оваа лимузина поминала само илјада километри, што значи дека е значително помалку користена од другите две. Да речеме и дека едната е во музејот на Клинтон, а другата сè уште е во сопственост на ЦИА.
Автомобилот ќе биде понуден на 18 јануари на аукцијата Kissimmee. Во секој случај, ќе биде интересно да се види каква цена ќе достигне оваа лимузина.