„Се прашав, што би сторил Новак“ – Медведев со голем пресврт во полуфинале на Австралија опен


Познати се сите полуфиналисти на Австралија опен, откако попладнево вториот светски рекет, Русинот Данил Медведев, иако губеше со 0-2 во сетови и спаси една меч топка, го совлада на крајот Канаѓанецот Феликс Оже-Алиасим со 6-7 (4), 3-6, 7-6 (2), 7-5, 6-4.

Последниот патник во полуфиналето на грен – слем турнирот во Мелбурн беше познат по 4 часа и 38 минути игра.

Медведев во полуфиналето ќе игра против Гркот Стефанос Циципас, кој во средата го совлада Италијанецот Јаник Сибер (3-0), додека втората полуфинална двојка ја сочинуваат Италијанецот Матео Беретини и Шпанецот Рафаел Надал.

Машките полуфинални натпревари се на програмата в петок. 

Инаку, по мечот рускиот тенисер даде интересна изјава, по што навивачите го исвиркаа.
„Тешко е да се каже бидејќи не играв најдобро, Феликс одигра неверојатно, тој беше насекаде. Си реков: „Што би направил Новак? Тој е еден од најголемите шампиони, или Рафа и Роџер. Го тераат да се бори до последниот поен и тоа функционираше, кога го затворија покривот, моментумот беше на моја страна“ – додаде човекот кој направи неверојатен пресврт, а по споменувањето на Ѓоковиќ, навивачите му свиреа.

 

Во моментите кога беше дури два сета во минус, Медведев се обиде да направи нешто крајно неочекувано, веројатно во желба да го збуни противникот кој беше неверојатен на овој меч.