Се надуја и брзо издишаа


САШКО Ѓ. ДИМОВСКИ

Четири од можни шест бода во март, нула од можни шест во јуни. Колку и да паѓа тешко, колку и да сакаме да релативизираме, сепак, Македонија излегува од редот на конкуренти за првите две позиции во групата во квалификациите за Европското фудбалско првенство во 2020 година.

Точно е дека до второто место нè делат три бода, точно е дека до крајот на циклусот во игра се вкупно 18, но ако не се освојуваат во Скопје, како да очекуваме дека фудбалерите ќе ја надоместат загубата надвор. Пред „црвено-жолтите“ се две врзани гостувања во септември, најпрво во Израел, а потоа и во Летонија. Ќе рече некој „ги добивме Израелците во Хаифа во циклусот за СП 2018, па можеме и сега“. На Летонците, пак, можеме да гледаме како на „пациенти“, меѓутоа потврда на таквите ставови мора да се докаже на терен.

А, Македонија на теренот, и во петокот и особено во понеделникот, беше бледа. Полјаците не одиграа ништо посебно и заминаа за Варшава со три бода, што е одлика на големи клубови и репрезентации да победуваат и кога не играат на потребно ниво. Австријците, пак, одиграа како по ноти на виенската филхармонија и без фалширање, за разлика од домашната селекција, која наликуваше на културно-уметничко друштво што не може да фати ритам и за „тешкото“.

Селекторот Игор Ангеловски призна дека Австрија беше подобра и заслужено победи во Скопје. И така и беше. Некој ќе рече дека Австрија можеби и не беше толку добра колку што Македонија беше лоша. Го одигра најслабиот меч под водство на овој стручен штаб што, на крајот на краиштата, е доблесно и да се признае. Ниту е грев ниту е казниво дело. Каква поука ќе извлечат од двојниот дебакл во Скопје и играчите и селекторот ќе видиме на наредните мечеви. Надежта последна умира, спортски е да се негуваат надежи дека е можно до второ место низ редовните квалификации, и никој не може да биде лишен од тоа право. Па ниту фудбалерите ниту селекторот. Сепак, за тоа ќе им треба играта и кондицијата да ја подигнат на повисоко ниво.

Ставот на селекторот дека Македонија парирала до пеналот воопшто не држи. Не држи затоа што пеналот никако не смее да се земе како пресвртен или клучен момент за конечниот исход на средбата. Меѓу редови е отворено застанувањето во одбрана на фудбалерите за задржување атмосфера во соблекувална или за мир во куќата бидејќи Австрија можеше уште по првото полувреме да го има конечниот резултат. Токму тоа е типичен пример за релативизирање и за замижување пред фактите дека Арнаутовиќ имаше две средби во четири очи со Столе Димитриевски, двапати се закани и Сабицер и еднаш Улмер.

И кога мрежата ќе остане мирна само поради добрата поставеност и точните проценки на голманот, тогаш повеќе од јасно беше присутното задоволство што на одмор се замина со 1:1. Дупките во централниот дел на одбраната и провевот по страничните позиции го изложија Димитриески на неколку искушенија и само благодарение на неговите интервенции полувремето се дочека со резултатски егал наместо дебакл. Пред него некоординираност и деконцентрација, во средината конфузност и безидејност, а нападот безличен и целосно безопасен. Можеби затоа никој од фудбалерите не беше расположен да дава изјави по мечот и ги одбегнаа новинарите.

Дуелите со Полска и со Австрија на површина исфрлија и дилема дали настапите против Летонија и Словенија во март дадоа нереална слика за билдање на нереална еуфорија во јуни за чие материјализирање (бодовно) не помогна ниту успехот на ракометарите на Вардар. Очигледно дека ова е крајот на илузиите дека Македонија првпат може да отиде на едно европско првенство, особено поради тоа што групата го овозможуваше тоа. Како резервна опција останува Лигата на нации. Поразот од Австрија треба да се сфати како опомена оти Косово под водство на Бернард Шаландес е во позитивна низа од 2017 година. Нема пораз во 14 меча и воопшто не е наивен ривал. Го покажа тоа со ремито против Црна Гора во Подгорица и со победата над Бугарија во Софија.