СДСМ утре ќе го избере наследникот на Заев


По три мандати минати како лидер на СДСМ, Зоран Заев заминува од првата позиција. Утре 60.000 активни членови на СДСМ ќе го изберат петтиот партиски лидер од 1992 година  од тројцата кандидати што влегоа во трката –  Димитар Ковачевски, Фросина Ременска и Јован Деспотовски. Ова ќе бидат втори непосредни и директни внатрепартски  избори. 

Заев не е првиот лидер на СДСМ кој поднел оставка на функцијата. Пред него, тоа го направи Бранко Црвенковски кога во 2004 година, среде мандат, се повлече и од лидерската и од премиерската функција, за да се кандидира за претседател на државата. Четири години подоцна од лидерското место се повлече и Радмила Шекеринска, по поразот на тогаш опозициските социјалдемократи на првите предвремени парламентарни избори во 2008 година. Сепак, Заев е првиот на чело на СДСМ, а и воопшто на политичката сцена во државата кој поднел оставка поради пораз на локални избори.

Ковачевски го придружуваше Заев на разговорите за проширување на парламентарното мнозинство и ја има неговата поддршка. Тој  ветува дека, доколку ја добие довербата од членството, ќе ја врати СДСМ како победничка партија.

Фросина Ременски кој замина од раководните структури на СДСМ поради сомневањата за нејзина вмешаност во случајот Меѓународен сојуз за што се води и судска постапка, најавува дека е посветена на застапување и вклучување на жените во политиката, ставање крај на насилството врз жените и враќање на достоинството на СДСМ.

Јован Деспотовски, кој е тридецениски активист во СДСМ, а од неодамна ја извршува функцијата директор на Дирекцијата за развој на технолошки зони, најави дека со неговиот избор за претседател партијата ќе се врати на примарните политички определби, а евроатлантскиот пат ќе остане опција без да се загрози земјата и нејзините граѓани.

Според статутот на партијата, по изборот на претседател на партијата, следува избор на нови партиски органи. Претседателот на СДСМ се избира на непорседно гласање од членовите на партијата.

Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, пак, за утре го закажа 17-от Конгрес во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје што е најавено дека ќе почне во 10 часот со регистрација на гостите, на делегатите и на претставници на медиумите.

Отворениот дел за јавноста ќе трае до 13 часот по што ќе следи затворен дел. Во рамки на затворениот дел на Конгресот е планирано и гласање и избор на претседател на ВМРО-ДПМНЕ за што единствен кандидат е Христијан Мицкоски кој ќе очекува нов мандат од делегатите.

Конгресот во 17:30 часот ќе продолжи со „второ полувреме“ на отворениот дел за јавноста, во чии рамки ќе има и обраќање на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.