СДСМ тврди дека скандалот со препродадените парцели води до врвот на ВМРО-ДПМНЕ


Фото: Б. Грданоски
Договор вреден 500.000 евра го поврзува телохранителот на Христијан Мицкоски со скандалот со криминалните парцели, објави денес СДСМ.
 
-Македонската јавност деновиве е сведок на голем скандал кој директно води до Белиот дворец и луѓе блиски на Христијан Мицкоски.Неколку луѓе кои се поврзуваат со ВМРО-ДПМНЕ купиле или добиле на дар парцели земјиште во општина Делчево, сите вредни околу 40.000 евра.Истите парцели две-три недели подоцна ги продале и за 40 пати повеќе од пазарната вредност или за вкупно 1,6 милиони евра.
 
Истрагата треба да даде одговор на прашањето дали разликата од над 1,5 милиони евра завршила во нечии џебови или директно во Белиот дворец? Во медиумите се споменуваат повеќе имиња, сите поврзани со ВМРО-ДПМНЕ, како Игор Г., поранешен претседател на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, Дарко Т., поранешен советник на ВМРО-ДПМНЕ, но и други лица.Но, овој скандал добива драстично поголема димензија бидејќи едно од вмешаните лица е и Влатко Илиевски, дел од обезбедувањето на Мицкоски. Договорот за купопродажба на Илиевски, телохранителот на Мицкоски е вреден 500.000 евра.
 
Јавноста заслужува и мора да знае каква е поврзаноста на Христијан Мицкоски со овој скандал.Дали со негово одобрување и знаење е склучен овој договор?
Дали разликата од препродажбата како црни пари завршиле во Белиот дворец за што постојат оправдани сомневања? Истрагата на надлежните институции треба да ги даде сите детали за овој случај и да лоцира одговорност, стои во реакцијата на СДСМ за истрагата поради која беше извршен претрес и во домот на семејството на пратеникот Јован Јаулески.
Од ВМРО-ДПМНЕ пак подоцна возвратија со тврдења дека луѓе на СДСМ биле вклучени во аферата а не од нивната партија. 

ВМРО-ДПМНЕ ги повикува институциите да го истражат случајот со ЕВН, а СДСМ потоа да се извини, многу скоро ќе излезе дека луѓе блиски до нив терале бизниси со таа компанија. Мицкоски ги повика институциите да го истражат секој денар кај него и неговото семејство, но кога ќе се утврди вистината, СДСМ да се извини јавно за „грубите манипулации со кои ја труе јавноста“.

-Многу скоро ќе излезе дека всушност лица блиски до СДСМ работеле со таа компанија.А целиот дефокус кој го прави власта и грубите манипулации се со цел да ја покријат безидејноста како понатаму, но и ситуацијата во која западнаа да ја држат власта без мнозинство во Собранието.Наместо да читаат празни пресови без суштина. Заев да си замине и да одиме на брзи избори. Државата и граѓаните чекаат работа, а не лаги и манипулации како што тоа прави СДСМ сега, порачаа од опозицијата.