СДСМ обвини дека Данела Арсовска грубо ги партизира јавните претпријатија

Тројцата портпароли на ВМРО-ДПМНЕ се најдоа на листите за кандидати во управните одбори на две јавни претпријатија во Скопје. По реакциите се повлекоа од „принципиелни“ причини иако имале кредибилитет и знаење да бидат таму


СДСМ ја обвини Данела Арсовска, градоначалничката на Град Скопје, дека тргнува во груба партизација на јавните установи и јавните претпријатија под надлежност на Градот.
 
-„Независната“ Данела Арсовска предлага поставување лица на режимот на клучни позиции. 
Јелена Жугиќ, која со години беше дел од режимот и која бараше кон граѓаните да се пука со гумени куршуми, е предложена за член на Јавната установа Младински културен центар.
Еве го документот со предлог одлуката која треба да се најде пред советниците на наредната седница. Предлог листите за членови на управните и надзорните одбори на јавните установи и јавните претпријатија во Град Скопје се полни со партиски докажани кадри на ВМРО-ДПМНЕ.
 
 
За нови членови на управниот одбор на ЈП „Водовод и канализација“ Скопје се предложени портпаролите на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски и Марија Митева. Третиот портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски е предложен за член на управниот одбор на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје. Тоа се гледа од овие два документа. Лажните вести од белиот дворец Арсовска ги поддржува силно.Толку од наводната независност на Данела Арсовска. Арсовска секојдневно покажува дека освен партизација на институциите, освен блокирање важни проекти за скопјани, ништо друго нема намера да работи, реагираат од СДСМ.
 
 
Според нив, ова е пример за очигледна и груба партизанија на институциите под надлежност на Град Скопје на кое советниците од СДСМ се спротивставуваат.
По реакцијата на СДСМ се јави портпаролот Димче Арсовски кој побара неговото име да биде тргнато од предлог листата за член на управен одбор.
 
-Нема да дозволам стравот и паниката на СДСМ да се насочи кон навреди и оцрнување на моето име и семејство. Стравот и паниката на СДСМ од моето име дека ќе влезе во УО на ЈП Водовод, особено од оние кои што се најгласни по ова прашање, што јаделе и пиеле преку сметките на Град Скопје, за што дополнително ќе разговараме во иднина, е издржан и реален.

Да, предложен сум за член во УО на ЈП Водовод и сметам и сум сигурен дека имам доволно знаење, дигнитет, кредибилитет, чесност во мене и волја да учествувам во домаќинско менаџирање на оваа институција, но и да се заложам да се работи транспарентно и јавноста да знае што се работи, но и што се работело претходно, обелоденувајќи го целиот криминал.

Но, гледајќи ја целата оваа паника, страв и оцрнување на моето име на социјалните мрежи од партиските апаратчици и оние поддржувачи, а дел и креатори на криминал и корупција во институциите, сакам јавно да известам дека барам да бидам отстранет од предлог-листата за член на УО, од едноставна причина, што нема да дозволам стравот и паниката на СДСМ да се насочи кон навреди и оцрнување на моето име и семејство, но и ВМРО-ДПМНЕ, чии кадри работат чесно и искрено откако се на функциите, порача Арсовски. 

Веднаш по него се јави и Наум Стоилковски кој исто така се повлече од листата како предлог за член на управен одбор на ЈСП. 

-Ја следам возбуденоста во СДСМ поврзано со моето име и сметам дека тоа повеќе се однесува на стравот дека од внатре во ЈСП ќе го видам и јавно ќе го објавам сиот криминал со компанијата и секако, за планот за БРТ. Иако го имам сиот потребен кредибилитет да бидам дел од УО на ЈСП, верувам во принципи, за разлика од партиските членови на СДСМ. Нема трговија со принципи ниту со претпријатија, напиша на фејсбук Наум Стоилковски.