По насилното укинување на техничката Влада, Христијан Мицкоски сака со сила да воведува автократски модели. Сега сака изборен закон со кој никој нема да контролира околу 200.000 гласови, обвини и денес СДСМ, најавувајќи практично дека останува на десетте илјади амандмани со кои сака да го спречи донесувањето на измените на Изборниот закон.
„ВМРО-ДПМНЕ сака гласовите на дијаспората што ќе пристигнуваат преку интернет да немаат никаква контрола. Додека нашите граѓани кои гласаат во татковината минуваат сериозна контрола пред гласање – дури и отпечаток од прст, проверка на документи, потпис во избирачки список, Мицкоски сака да има апсолутна можност за кражба преку гласање на далечина. Зборуваме за ВМРО, партијата која знаеме како ги местеше изборите во времето на Груевски. Сега неговиот најдобар ученик сака да го унапреди системот на својот ментор“, тврдат од СДСМ.
Од партијата потсетуваат дека во декември беше покрената истрага во Америка поради кражба на гласови која покажа дека серверите кои учествувале во неа биле во сопственост на српска фирма и бизнисмени блиски до Александар Вучиќ и СНС.
„Сите знаеме за односите меѓу Вучиќ и Мицкоски, за нивната братска врска и сестринските партии. Знаеме за користење на истата бот-платформа и фарми на тролови за влијание на социјалните мрежи. Знаеме и за 40 отсто од медиумите во Македонија кои се во сопственост на нивниот „голем брат“ Орбан, а во служба на ВМРО и Мицкоски. Знаеме и за Латас, кој е главниот човек за медиуми и уредувачка политика во име на Мицкоски.Знаеме и за најновите желби и упорност на Мицкоски да ги протурка дата- центрите во Македонија, иако се на штета на екологијата и со ненормална потрошувачка на струја која може да доведе до проблеми со снабдувањето на домаќинствата. Знаеме и кој се занимава со увоз на струја со својот бизнис партнер од Србија, почесниот конзул. Сега сè е познато. И прашањето е јасно:
Дали овие се доволни причини СДСМ да не дозволи ваквиот закон да помине?„-порачуваат од опозицијата.
Според СДСМ иако Мицкоски најави повлекување,„на сите им е јасно дека човекот нема таква идеја“.
„Како што ги укина потпретседателите во ВМРО, така управува и во Владата. Целосен авторитаризам, на кој му е потребно и гласање на копче. За неговиот лагоден живот и луксуз му е неопходна власта. Само додека е на власт може да оди и на море, без да го болат колената“, саркастично оценија од СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ пак продолжија да тврдат дека по месеци разговории усогласувања и прифатени забелешки од СДСМ и Левица, истите тие сега го блокираат донесувањето на Изборниот законик и има заостанати и притисокот е толку голем сега, што „тече“ од сите страни.
„СДС и Левица учествуваа во креирањето на текстот, но денес поднесуваат десетици илјади амандмани со единствена цел да го блокираат донесувањето на Изборниот законик и да ги закочат реформските процеси.Изборниот законик е усогласен со препораките на ОБСЕ и ОДИХР и претставува дел од реформските обврски на Македонија.Наместо конструктивност, СДС и Левица избраа политички театар, свесни дека секое одложување значи штета за државата и за европскиот реформски процес.
Ако навистина СДС и Левица имаат суштински забелешки, нека ги предложат. Никој не бега од аргументирана дебата. Но, десетици илјади амандмани не се обид за подобрување на закон, туку класична парламентарна опструкција.
Позиција на ВМРО-ДПМНЕ е јасна. Подготвени сме да разговараме за сите предлози кои придонесуваат за подобар изборен процес. Истовремено, остануваме цврсти на определбата македонската дијаспора да добие можност да гласа по електронски пат на претседателските избори, затоа што секој македонски граѓанин, без разлика каде живее, заслужува полесно да го оствари своето демократско право.Очигледно е дека стравот од изборен пораз ги обедини СДС и Левица повеќе отколку која било политичка идеја. Наместо да понудат визија, тие нудат блокади. Наместо реформи, произведуваат кризи.
ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи политички калкулации да бидат над интересите на државата. Реформите ќе продолжат, институциите ќе функционираат, а граѓаните сами ќе дадат оценка кој работи за Македонија, а кој работи само за дневнополитички спас“, уверени се оид ВМРО-ДПМНЕ.