СДСМ: Мицкоски измислува нови форми за нови блокади


Портпаролот на СДСМ, Дарко Каевски

 

Владејачката СДСМ денеска го обвини лидерот на ВМРО-ДПМНЕ дека измислува нови форми за нови блокади, откако Извршниот комитет на партијата го усвои прашањето за Договорот со Бугарија што би одело на референдум. „Откако му пропаднаа сите лаги и обиди за дестабилизација, за блокирање на европската иднина на државата Мицкоски измислува нови форми за нови блокади“, рече на прес-конференција портпаролот на СДСМ, Дарко Каевски.

Според Каевски, „оваа иницијатива на Мицкоски е референдум против членство во ЕУ, против македонскиот идентитет и македонскиот јазик. Иницијатива за негова внатрешна употреба, која нема поддршка од граѓаните, нема поддршка од опозициските партии и нема да успее. Иако Договорот е ратификуван пред 4 години Мицкоски дури сега го прави овој очаен чекор затоа што му се тресе фотелјата во ВМРО-ДПМНЕ“.

СДСМ оценува дека Мицкоски бил лицемерен затоа што тој го поддржал Договорот со Бугарија на средба со поранешниот премиер Борисов и тоа на  бугарски јазик.

„Мицкоски бараше референдум и за Преспанскиот договор, потоа го бојкотираше и на крај рече дека го прифаќа. Иако и за овој договор лажеше дека ќе го загрози идентитетот што се покажа дека не е така“, рече Каевски.

Тој оцени дека два има политички концепти во Македонија: „Едниот, мнозински, предводен од СДСМ и коалицијата којшто е за членство во ЕУ и вториот, на актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ и проруската Левица којшто е против Европската унија. Проевропскиот политички концепт носи напредок, интеграција, економски развој а антиевропскиот: блокади, тензии, деструкции и враќање назад“. Каевски уште додаде дека Мицкоски не можел да ја спречи европската иднина на државата и нејзините граѓани.