СДСМ ги нарече „квислинзи“ учесниците на платформата за „обединување на опозицијата“
СДСМ ги нарече „квислинзи“ учесниците на дебатата најавена како „платформа“ за разговори за иднината, оценувајќи дека тоа е уште еден во низата обиди на Христијан Мицкоски да создаде контролирана опозиција. Како што беше објавено вчера, на дебатата зад затворена врата беа луѓе блиски до Бранко Црвенковски, но и Славјанка Петровска, екс-министерката за одбрана, и Моника Зајкова од ЛДП.
„Прво, не се знае кој стои зад платформата. Нема име на организатор, нема транспарентност, сè се одвива под Чатам хаус правила. А, кога ќе се погледне што се случило на првиот состанок, станува јасно: зборуваа за ‘обединување на опозицијата’, а прва точка и заклучок на средбата беше напад врз СДСМ.
Мицкоски уште на крајот на минатата година ја најави оваа платформа. Први промотори беа Јован Деспотовски и Петре Шилегов – како нова верзија на ЗНАМ 2.0. Кога не успеа да ја урне СДСМ одвнатре, сега ги обединува отпадниците од СДСМ за да ја напаѓа однадвор. Истиот модел на промоција што го имаа овие двајца квислинзи од редовите на СДСМ, го има и Чатам хаус платформата за иднината на Мицкоски. Промоција преку медиуми блиски до Орбан. Во исто време, армија од ботови и фарми на тролови работи со полна пареа.
Мицкоски нема друг излез. Буџетот е празен, економијата е во колапс, наскоро нема да има пари ни за пензии. За да го спречи слободниот пад на ВМРО, а особено на својот рејтинг, прво направи козметичка реконструкција на Владата за да добие на време со нов дефокус. Сега намерно го прават со Изборниот закон за да ја обвинуваат опозицијата за реформите кои тој самиот не ги спроведе. Следниот чекор се предвремени избори, за кои му треба алиби. ВМРО изгуби над 150.000 гласови. Мицкоски има најнизок личен рејтинг досега, поради секојдневните лаги, а особено поради предизборните. Единствениот проблем е што веќе еднаш ги излажа своите гласачи и ги измами гласачите на СДСМ со ЗНАМ. Сега, повеќе такви работи не поминуваат. Граѓаните не се наивни“, оценуваат од СДСМ, со порака дека „единствената вистинска опозиција се СДСМ и слободните граѓани, обединети околу Фронтот за вистина и правда“. „Сѐ друго е фејк“, стои во соопштението на опозицијата.
Под слоганот „Разговори за иднината во 12,05“ вчера беше промовирана демократска платформа која има цел подигнување на нивото на општествената дебата во земјава.
Како што се наведува, првата сесија се одржала зад затворени врати според правилата на Чатам хаус.
Од платформата соопштија велат дека на прогресивната демократска јавност ѝ е потребна суштинска и објективна дебата, која мора да биде ослободена од вообичаената потреба за допадливост кон партиските лидери.
„Сите истражувања на јавното мнение укажуваат дека македонската политичка сцена нуди, на едната страна силна владејачка партија и коалиција, а на другата страна смислено фрагментирана опозиција“, се дел од заклучоците што се наведени во соопштението.
Според учесниците, опозицискиот простор не треба да се пополнува со формирање нови партии, туку со длабока идеолошка и вредносна револуција.
Тие сметаат дека на Македонија ѝ е потребен нов општествен договор како основа за создавање широк опозициски потенцијал кој ќе донесе промени.