Самрак за популистите во Полска, граѓанската опозиција ги доби изборите
Право и правда, која ги партизираше институциите, а јавните медиуми ги претвори со пропагандна алатка, освои најмногу гласови, но опозицијата ја однесе победата
Популистичкиот буквар не работеше овој пат во Полска.
Три опозициски партии кои ветија дека ќе ги вратат демократските стандарди во Полска заедно освоија над 54 отсто од гласовите на парламентарните избори во државата викендот, ставајќи ги во позиција да ја преземат власта, според целосното пребројување на гласачките ливчиња објавено во вторник.
Конзервативната, популистичка и националистичка партија Право и правда (ПиС)на де факто лидерот на земјата, Јарослав Качињски, која управува со земјата осум турбулентни години, освои 35,4 отсто од гласовите, најмногу од сите. Но, партијата и нејзиниот лидер Качињски тоа е приова победа затоа што го загубија мнозинството во парламентот и се чини дека немаат начин да ја задржат власта.
Излезноста беше 74,4 отсто, рекорд што го надмина одѕивот од 63% од 1989 година, гласање што предизвика колапс на комунистички систем поддржан од Советскиот Сојуз.
Право и правда ја водеа земјата на нелиберален пат, преземајќи ја контролата врз судовите на начин што го прекрши уставот на земјата. Партијата ги политизираше државните институции, вклучително и јавните медиуми финансирани од даночните обврзници. ПиС ја користеше особено државната телевизија како груба пропагандна алатка за да се пофали и да ги оцрни противниците. Па дури и вечерта при објавувањето на резултатите пропагандата беше исклучително силна, иако бројките од излезните анкети покажуваа поинаков расплет.
Резултатот беше огромна победа за Доналд Туск, шефот на најголемата опозициска група Граѓанска коалиција. Се чини дека најверојатно ќе се врати на својата мината улога како полски премиер, работа што ја извршуваше од 2007 до 2014 година. Тој, исто така, беше претседател на Европскиот совет, врвна функција во ЕУ, од 2014-19 година.
Успехот на Туск е уште позабележителен со оглед на тоа што државните медиуми претеруваа да го прикажат како марионета на Германија и Русија. Тој портрет, кој излезе дека е без основа, му привлече и многу симпатии.
Резултатот е огромно олеснување за Полјаците загрижени за меѓународната изолација на земјата во време на војна преку границата во Украина и постојаните расправии со Европската унија. Многумина стравуваа дека тоа би можело да предизвика евентуално исфрлање на земјата од 27-члениот блок.
ЛГБТК+ заедницата, исто така, претрпе кампања за клеветење во последниве години, која беше претставена како закана за нацијата од страна на конзервативната владејачка партија. Либералите исто така беа прикажани како нелојални на земјата. Со текот на годините, масовни протести предводени од жени ја потресоа земјата бидејќи партијата го ограничи законот за абортус за да спречи прекинување на бременост со фетални абнормалности.
Младите и жените беа меѓу оние кои масовно гласаа да се ослободат од партијата Право и правда, која победи во 2015 година, ветувајќи дека ќе се бори против корупцијата и ќе помогне да се изедначат економските нееднаквости. Додека нејзините социјални трошоци им помогнаа на многу полски пензионери и семејства, партијата сѐ повеќе се соочува со обвинувања за корупција. Последниот многу силен удар беше откритието дека државни функционери за пари им давале дозволи за престој на мигранти, во исто време кога владината политика е апсолутно антиимигрантска. Како резулатат на ваквата корупциска шема, Германија и другите околни земји од ЕУ ги засилија граничните контроли со Полска.
Според конечните податоци од пребројувањето на Националната изборна комисија Право и правда (и нејзините два помали сојузници) освоила 35,4 отсто (на изборите во 2019 имаше 43,6), а можниот партнер, крајнодесничарската Конфедерација, 7,2 отсто.
Три опозициски групи освоија заедно 53,7%, доволно за удобно мнозинство во Долниот дом на парламентот од 460 места или Сејм; Граѓанската коалиција собра 30,7 отсто од гласовите додека центристичката Трет пат доби 14,4 отсто, а Новата левица околу 8,6 отсто.
Тоа значи дека Право и правда ќе имаат 194 места во парламентот, Граѓанската коалиција добива 157, Третиот пат 65, Левица 26 и Конфедерација 18.
Граѓанската коалиција, Третиот пат и Левица ветија дека ќе формираат коалициска влада за да го соборат ПиС од власт – заедно имаат 248 места.
Сите три излегоа посебно на изборите, така што формално не се дел од иста коалиција, но сите ветија дека ќе соработуваат за враќање на владеењето на правото.
Опозицијата, која досега имаше најтенко можно мнозинство во Сенатот, сега доби огромна доминација од 66 од 100 места во горниот дом. Сенатот е многу помалку моќен од Сејмот, но сепак има одредено ограничено влијание врз законодавниот процес. Право и правда ќе има само 34 места.
Резултатот поттикна славење од прогресивните Полјаци за крајот на владеењето на ПиС, кое го наруши владеењето на правото, ги укина правата за абортус и ги таргетираше малцинствата и неевропските мигранти со пропаганда со омраза.
Сепак, останува постојан страв од можни гамбити на ПиС во наредните денови и недели. Внимателноста, исто така, произлегува од сознанието дека владеењето со претседателот Анджеј Дуда, кој е исклучително близок со ПиС и кој ќе биде на функција до 2025 година и со бројни државни институции преполни со поддржувачи на ПиС, нема да биде лесно.
Рекордна излезност, од 74,4 отсто, беше за 13 отсто поголема отколку за парламентарните избори пред четири години и се чини дека беше фактор за победата на опозицијата. Особено високата стапка на гласање кај младите се претвори во поголема поддршка за различни партии против ПиС.
Во главниот град Варшава излезноста беше извонредни 84,9%. „Ја покажавте огромната моќ на граѓанското општество. Јас сум ГОРД! Ви благодарам!“, напиша Рафал Тржасковски, градоначалникот на Варшава, дел од Граѓанската коалиција, на Твитер.
Друг фактор во резултатот беше одлуката да не се обединат опозициските сили и да се кандидира како единствена листа против ПиС. На крајот, давањето различни опции на луѓето кои сакаа да гласаат против ПиС, но не за Туск, се покажа како мудра стратегија. Додека Левица ќе биде малку разочарана од своите 8,6%, 14,4% за Третиот пат, кои доаѓаат по многу силниот настап во единствената телевизиска дебата на нејзиниот лидер, Шимон Холовнија, се чини дека го максимизираше гласот против ПиС.
Изборот на демократските опозициски партии, исто така, веројатно придонесе за лош резултат на Конфедерацијата, екстремно десничарската, антисистемска партија која имаше двоцифрени анкети во текот на летото, но на крајот доби само 7,2 отсто
Иако гласањето е завршено, можеби ќе бидат потребни недели за да се формира нова влада.
Претседателот Анджеј Дуда мора да ја свика првата седница на новиот парламент во рок од 30 дена од денот на изборите и да назначи премиер кој ќе формира влада. (Н.В.)