Само БиХ и Македонија не знаат кога ќе имаат попис


Додека Европа се подготвува за редовниот декаден циклус на попис на населението следната година, Северна Македонија и Босна и Херцеговина се двете европски држави кои се уште го немаат утврдено ниту датумот за попис, наведува Еуропеан Вестрен Балканс (ЕВБ), потсетувајќи дека последниот попис во земјава е спроведен во 2002 година.

Порталот на наведува дека од 2010 само 21 земја во светот не спровеле попис на населението, од кои две се во Европа – Украина и Северна Македонија, додавајќи дека попишувањето на населението во земјава беше запрено во 2011 година „делумно поради политичките стравувања од неповолни бројки на етничката структура“.

– Според македонскиот Устав, јазичните права и соодветената застапеност се загарантирани за етничките заедници кои надминуваат 20 проценти од населението. Во 2002 година, етничките Албанци сочинуваа околу 25 отсто од двата милиони македонски граѓани. Се стравува дека следните резултати од пописот би можеле да ја отворат опасната Пандорина кутија, што претставува постојана пречка за одржување фер и точен попис на населението, оценуваат авторите на анализата.

ЕВБ посочува дека од демографски аспект, Северна Македонија е школски пример за спротивставени детерминанти за составот на населението – етничките Албанци имат поголем наталитет отколку етничките Македонци, но тие од друга страна многу повеќе емигрираат, па затоа е тешко да се процени кој фактор е поголем – прирастот или емиграцијата.

Според порталот, ако се и приближно точни проценките дека во последните две децении земјава ја напуштиле дури 600.000 лица, тогаш ќе се покаже дека емиграцијата веќе подолго период е појава карактеристична за сите етникуми, а не само за Албанците.

– Бројот на смртни случаи во Северна Македонија на национално ниво во 2019 година го надмина бројот на новородените, што е прв таков случај од независноста (и веројатно во историјата) на земјата. Оваа пресвртница најмногу се должи на драматичниот пад на бројот на новородени во речиси сите општини каде Албанците се мнозинство, имајќи предвид дека наталитетот меѓу Македонците во голема мера го задржа своето претходно (ниско) ниво, додава ЕВБ.

Според авторите на анализата, со ваквите етно-демографски трендови остануваат крајно тешко да се предвиди етничкиот состав на населението во земјата, што нема спроведно попис во последните 20 години.

Тие проценуваат дека се можни две решенија за „загатката со пописот“ во земјава.

– Првото и веројатно оптимално, но сепак помалку веројатно решение, е пописот да се одржи што е можно поскоро, без никакви политички интервенции и со силен надзор на меѓународната заедница. Дури и ако бројот на етничките Албанци се покаже помал од 20 проценти, краткорочните последици по правата на албанската заедница ќе бидат занемарливи. Како и другите многу помали малцинства, како што се Турците, и Албанците би го задржале правото на основно, средно, па дури и високо образование на нивниот мајчин јазик. Квотите за јавна администрација ќе бидат укинати, но етничката рамнотежа меѓу вработените веројатно нема да се промени, бидејќи меѓународната заедница не би толерирала масовни отпуштања на вработени Албанци, ако има обиди за нешто такво, се наведува во текстот.

Од друга страна, сметаат авторите, обезбедено е и учество на албанскиот фактор во извршната власт, бидејќи пропорционалниот изборен модел гарантира вклучување во владата на најмалку една партија на етничките Албанци, освен ако двете најголеми македонски партии не решат еден ден да формираат голема коалиција, што во моментов тешко дека може да се замисли.

– Изборите во 2016 година поттикнаа надеж дека гласањето по етничка линија може да се промени, откако владејачкиот Социјалдемократскиот сојуз на Македонија одзеде десетици илјади гласови од партиите на етничките Албанци, но на изборите оваа година ДУИ успеа да ги врати повеќето од овие гласови, додава „Еуропеан Вестерн Балкан“

Второто и, според авторите на анализата, се поизвесно решение, би било од пописот целосно да се изостави прашањето за изјаснување по етничка припадност.

– Очигледен поттик за прифаќање на ваквото решение ќе биде избегнување на уште еден круг на политички договори и одржување на оваа клучна статистичка операција што е можно поскоро, се наведува во текстот.

Според ЕВБ, изоставувањето на прашњето за етничката припадност не е невообичаено во пописите во светот, но тоа „би го овековечило пописот од 2002 година како траен показател за етничкиот состав на земјата“.

– На прв поглед, се ова ќе се задржи политичкиот статус кво и ќе бидат избегнати тензии во општеството на краток рок. Сепак, тоа исто така ќе го засили популарното тврдење во антиалбанските кругови дека Алабанците никогаш не биле над 20 проценти. Така одењето на линија на помал отпор и изоставувањето на прашањето за етничката припадност може да го поткопа кревкиот етнички соживот, се додава во анализата.

ЕВБ оценува дека најголем предизвик ќе биде враќањето на демографијата од доменот на „големата политика“ во нејзиното природно подрачје на „мали политики“ во различни области како што се образованието, транспортот и здравствената заштита.

– На крајот на краиштата, овој проблем има извонредно едноставно решение. Најдобар начин е да се престане да се манипулира со односите по етничка припадност и да се започне со пребројување на граѓаните, додека се уште ги има за броење, се заклучува во анализата.