САД ја шпионирале Меркел
САД ги шпионирале врвните политичари во Европа, вклучувајќи ја и германската канцеларка Ангела Меркел, од 2012 до 2014 година со помош на данското разузнавање, објавија во неделата данските и европските медиуми.
Данскиот јавен радиодифузер Денмаркс радио (ДР) соопшти дека Националната агенција за безбедност на САД (НСА) прислушкувала дански интернет мрежи за да ги шпионира врвните политичари и високи функционери на Германија, Шведска, Норвешка и Франција.НСА ја искористила соработката со данската воена разузнавачка единица ФЕ за да го стори тоа, се вели во соопштението.
Министерката за одбрана Трине Брамсен, која го презеде одбранбеното портфолио во јуни 2019 година, била информирана за шпионирањето во август 2020 година, според ДР. Таа притоа оценила дека „систематското прислушување на блиските сојузници е неприфатливо“.
ДР ги откри информациите по истрагата што ја водеше заедно со шведски, норвешки, германски и француски водечки медиуми. Германската канцеларка Ангела Меркел, тогашниот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер и тогашниот опозициски лидер Пер Штајнбрук биле меѓу оние кои НСА ги шпионирала. НСА имала пристап до СМС-текстуални пораки, телефонски повици и интернет сообраќај, вклучувајќи пребарувања, разговори и услуги за пораки.
Шпионирањето било детално објавено во таен, внатрешен извештај на работната група на ФЕ, со кодно име „Операција Данхамер“ и било презентирано пред највисокото раководство на ФЕ во мај 2015 година. Данскиот медиум што го откри скандалот извести дека дека овие информации ги добиле од девет различни извори кои имаат пристап до класифицирани информации за ФЕ и дека нивните откритија се потврдени од повеќе извори.
Шпионирањето од страна на САД, доколку биде потврдено, траело за време и по аферата Сноуден во 2013 година, кога тој откри дека американската влада ги шпионирала своите граѓани и нејзините сојузници.Во ноември 2020 година, ДР објави дека САД ги користеле данските интернет мрежи за да ги шпионираат данските и европските одбранбени индустрии од 2012 до 2015 година.