Руте ќе ги спасува преговорите со ЕУ, не владата


Холандскиот премиер Марк Руте утре доаѓа во Македонија за да даде поддршка за нашите преговори со Европската унија, кои пак поради кризата со Владата сега се со уште понеизвесна иднина. Според она што може да се дознае официјално, посетата е договарана одамна и не е поврзана со политичката криза. Таа е дел од регионална турнеја во Македонија и во Албанија, чија првична цел била да се прати сигнал од најтврдата земја кога се решава за проширувањата – дека стои зад нас.

Но, кризата го претрка Руте, така што реално е да се очекува дека тој ќе има некоја порака и за актуелните случувањата, освен таа што ја слушаме од Холандија – дека реформите треба да продолжат, како и преговорите со Бугарија. На агендата на Руте, кој ќе биде во Македонија утре попладне, е средба со премиерот Зоран Заев (зад затворена врата и без прес-конференција), средба со невладини организации што ги финансира холандската амбасада и вечера кај претседателот Стево Пендаровски, на која ќе присуствуваат и министри од Владата. Не се најавуваат воопшто средби со преставници на опозицијата. По вечерата холандскиот премиер Руте ќе замине од нашата држава.

Руте е прв холандски премиер што официјално доаѓа во Македонија и неговата влада е функционална и со сите овластувања, иако технички и таа сѐ уште е во процес на формирање по изборите во март. Иако непланирано, Руте ќе се соочи директно со последиците од европската политика во нашата држава и од разно-разните вета од земјите членки кои го убија чувството за перспектива во државата и кои се повод за политички препукувања и уривање на актуелната влада.

Неговата посета може да се сфати и како обид ЕУ да си го испере образот, откако сите европски медиуми го посочија прстот кон Унијата како одговорна за најновата политичка нестабилност кај нас. Ако не се стабилизира во најкраток рок политичката ситуација и не се реши прашањето околу недовербата во Владата, Брисел не ќе има ни што да расправа во декември за Македонија, бидејќи не се знае ни кој ќе ги води преговорите со Бугарија ниту врз која основа, а шансите за успех во вакви околности се многу мали. Некои очекувања дека кризата ќе ја разбуди совеста на Брисел се нереални, бидејќи ЕУ не дава датуми на држави што се во политичка криза.

„Јас не сум среќен со фактот што се блокирани пристапните преговори со Северна Македонија и сметаме дека тие треба да бидат деблокирани што побрзо. Се надевам дека тоа ќе се случи по изборите во Бугарија и ние ќе сториме сѐ што можеме за тоа да се случи“, рече Руте пред почетокот на самитот ЕУ-Западен Балкан во словенечкото Брдо кај Крањ. Сега блокадата е најмал проблем за земјата. (С.Ј.)