Руски напади со дронови врз Одеса, најмалку 18 повредени
Руски дронови во текот на ноќта го нападнале јужниот украински град Одеса, по вторпат оваа недела, при што најмалку 18 лица се повредени и се оштетени станбени згради.
Најмногу штети нападите предизвикале во централниот Приморски округ, каде се оштетени високи станбени згради и петкатници, изјави Серхиј Лисак, шеф на локалната воена управа. Тој преку статус на „Телеграм“ наведе дека пожарите избувнале на горните катови и на покривите, но подоцна биле ставени под контрола.
Одеса, главно црноморско пристаниште и клучна точка за украинскиот извоз, е честа мета на руски напади.
Во нападите во понеделникот беа повредени 14 лица.
Украинските воздухопловни сили соопштија дека Русија од средата вечерта лансирала една балистичка ракета и 206 дронови, од кои 172 биле соборени или неутрализирани. Сепак, еден проектил и 32 дрона погодиле 22 локации.
Лисак наведе дека меѓу повредените има 17-годишно момче, а две лица се на интензивна нега во тешка состојба.
Тој додаде дека е значително оштетена градинка, како и дека има штети на трговски центар, хотел и административни простории.
Објавени се фотографии од пожар што зафатил зграда со оштетени горни катови, како и густ чад кој се издига од облакодери.
Исто така, десетици автобуси и автомобили се уништени или оштетени на повеќе паркиралишта.
Во друг округ се регистрирани удари врз инфраструктурни објекти, магацини и гаражни објекти.