Русите од 1 до 10 мај на колективен одмор заради Ковид-19


Рускиот претседател Владимир Путин најави дека следниот месец десет дена ќе бидат неработни, со цел да ѝ се овозможи на државата поефикасна борба против пандемијата на коронавирусот, која според официјалните податоци полека стивнува.

– Ако сметате дека е потребно, ќе потпишам указ уште денеска, најави тој во телевизиска дебата, одговарајќи на прашање на шефот на руската здравствена агенција, која смета дека тоа би овозможило стабилизирање на пандемијата.

Неработните денови ќе траат од 1 до 10 мај.

Според директорката на руската здравствена агенција Роспотребнадзор, Ана Попова, пандемијата во Русија се смирува, но во последните неколку недели е нешто побавна.

– Практично сме во стагнација и во голем број региони постои тенденција дека ситуацијата може да се искомплицира, додаде таа.

Според нејзиното мислење, десет неработни дена би го намалиле движењето на граѓаните, а со тоа и ширењето на вирусот.