Русите го напуштија Херсон и сега го гранатираат 17 пати на ден (Галерија)

Има пад во еуфоријата во градот по влегувањето на Украинците. Русите се од другата страна на реката Днепар и секојдневно испраќаат бомби


Повреден жител на Херсон веднаш до амбулантно возило (Фото: АП)

 

Руските трупи продолжуваат со ракетните напади врз Украина: на 24 ноември, Херсон беше гранатиран 17 пати, изјави шефот на воената администрација во Херсон, Галина Луговаја (десет мртви во регионот); во Киев и Киевската област половина од градот остана без струја поради напади, изјави градоначалникот Виталиј Кличко. Министерството за одбрана на Руската Федерација негира дека извршило напади врз Киев, а уништувањето во градот го објаснува со работата на украинската противвоздушна одбрана. Киевските власти размислуваат за сценарио во кое дел од жителите ќе бидат префрлени во предградијата на зимата. „Тоа е одмазда на оние што загубија и кои немаат храбрсот да се борат од близина, туку сакаат да напаѓаат од далеку“, рече во своето редовно ноќно обрачќање претседателот на Украина, Володимир Зеленски.

Известувачот на „Гардијан“ од Херсон на Твитер напиша дека градот ноќеска бил силно гранатиран

„Херсон синоќа беше многу силно гранатиран од руските војници стационирани на источниот брег. Според шефот на Херсон, Јанушевич, како резултат на тоа загинале 10 лица, а 54 биле тешко повредени.

Првичната еуфорија (неизбежно) ќе згасне. Но, бројот на гранатите што паѓаат се се зголемува секој ден и имаше повеќе луѓе што го напуштаа градот. Имаше силен пад во атмосферата.

Градот е/беше релативно недопрен. Но, ако Русија сака да го претвори во Харков 2, каде секоја 3-4-та зграда е оштетена, би можела. Нивната линија на фронтот е веднаш преку реката.

Иако во случајот со Херсон има уште помали изгледи дека гранатирањето на градот ќе резултира со каква било победа или напредок за Русија“.

Чад се издига од пристаништето во Херсон по еден руски напад
Луѓе и болничари изнесуваат ранет човек во погодена куќа во Херсон (Фото: АП)
Чистење на ѓубрето по нападот (Фото: АП)

Руските воени напори во Украина се карактеризираат со конфузија меѓу резервистите околу подобноста за службата и несоодветна обука и опрема, според Министерството за одбрана на Британија.

Во своето секојдневно ажурирање, МО рече дека некои резервисти морале да војуваат со „сериозни хронични здравствени состојби“ бидејќи биле повикани за време на најавата на Владимир Путин за „делумна мобилизација“.

Војниците најверојатно имале големи загуби додека копале „амбициозни“ системи за ровови во близина на градот Сватове во регионот Луганск и биле под силен артилериски оган.

Се додава дека руските резервисти се убиени во голем број фронтални напади во добро бранетите украински области во близина на Бахмут во регионот Донецк.

ОК верува дека Кремљ најверојатно ќе биде загрижен за семејствата на резервистите кои ќе ризикуваат апсење протестирајќи поради условите со кои се соочуваат нивните роднини.

Стариот човек судбината ја дели со кучето (Фото: АП)
Украинците возвраќаат со ракетен фрлач инсталиран на возило „баги“ (Фото: АП)

„Форбс Украина“ проценува дека Русија потрошила 82 милијарди долари – или четвртина од нејзиниот годишен буџет – за војната во Украина, која трае девет месеци досега.

Форбс известува:

„Оваа проценка ги вклучува директните трошоци кои се неопходни за поддршка на воените операции. Но, тоа не вклучува стабилни трошоци за одбрана или загуби поврзани со економијата.

Во 2021 година, сите буџетски приходи на Русија изнесуваа 340 милијарди долари. Односно, Руската Федерација веќе потрошила четвртина од минатогодишните приходи за воени операции.

Ако напролет таквите трошоци би можеле да изгледаат сосема прифатливи, имајќи предвид дека Руската Федерација добивала околу 1 милијарда долари дневно за нафта и гас сега ситуацијата е поинаква.

Се намалуваат приходите на федералниот буџет на Руската Федерација од извоз на нафта и гас – Русија веќе загуби најголем дел од европскиот пазар на гас по прекинот на снабдувањето со Северен тек. Санкциите за руската нафта ќе започнат во декември“.

Осамен шетач во мрачниот Киев (Фото: АП)

Руските напади оштетија болница во Запорожје во текот на ноќта, изјави гувернерот на регионот, Олександр Старук, на Телеграм.

Тој напиша:

„Непријателот повторно ги нападна предградијата на Запорожје. Овој пат ракетите погодија во близина на болницата. За среќа, луѓето не се повредени, но тоа не може да се каже за зградата. Десетици скршени прозорци“.

Нападите се случуваат откако најновиот руски бараж ги затвори сите нуклеарни централи во Украина – од кои едната се наоѓа во Запорожје – за прв пат по 40 години.

Володимир Зеленски изјави за „Фајненшл тајмс“ дека овонеделните удари создадоа ситуација која не е видена 80 или 90 години: „Земја на европскиот континент каде што целосно немаше светло“.

До четврток рано навечер, официјалните лица изјавија дека реакторот во една нуклеарна централа, Хмелницки, бил повторно приклучен на мрежата.

Тело на мртва жена прекриено со ќебе по руски напад на Херсон (Фото: АП)

Шефот на британската дипломатија, Џејмс Клеверли, допатува Киев за да се сретне со украинското раководство и да вети поддршка онолку долго колку што е потребно.

Во својата прва посета на Украина по неговото назначување за министер за надворешни работи, Клеверли претстави пакет за поддршка, вклучувајќи пари за реконструкција на училишта, амбулантни возила, жртви на сексуално насилство и продажба на жито на најсиромашните пазари во светот, како што се Судан и Јемен.

Бидејќи Киев е под редовно бомбардирање, неговата посета, која следи по патувањето во украинскиот главен град на премиерот Риши Сунак во саботата, беше спроведена со високо ниво на безбедност.

Генералштабот на Украина во своето дневно ажурирање на руските загуби соопшти дека Русите вчера загубиле 430 војници, со што бројот на убиени е 86.150. Уништени биле и тенкови, артилерија, дронови, борбени возила. Овие податоци не можат независно да се потврдат. (Според агенциите)