Русија утрово го нападна Киев, пред тоа Харкив. Има мртви и ранети


Русија рано утринава изврши ракетен напад врз украинската престолнина Киев, во кој беа повредени осум лица, а беа оштетени станбени згради и индустриски објекти, изјави градоначалникот Виталиј Кличко.

Тоа е првиот голем ракетен напад врз Киев во последните недели.

Кличко во апликацијата за пораки Телеграм рече дека единиците за противвоздушна одбрана го одбиле нападот и дека фрагменти од проектили паднале во различни делови на градот.

Погодени згради, индустриски капацитети и градинки
„Веќе има осум повредени како резултат на нападот на непријателот“, рече Кличко.

Тој додаде дека остатоците од соборениот руски проектил погодиле неколку станбени згради, индустриски објекти и градинка.

„Службите за итни случаи се на терен во различни делови на главниот град и гаснат неколку пожари“, рече Кличко.

Пред тоа го нападна Харкив, таму има мртви луѓе
Руски проектил погоди индустриска област во северниот украински град Харкив доцна синоќа, при што загинаа најмалку пет лица, а беа повредени осум, додека предизвика голем пожар во печатница, соопштија локалните власти.

Градоначалникот Игор Терехов изјави дека уште пет лица се водат како исчезнати по нападот.

Претседателот Зеленски се огласи во текот на ноќта. Во видео-обраќањето тој истакна дека нема соодветна противвоздушна одбрана во Харкив, вториот по големина град во Украина.