Прв пат во историјата: Земја што воопшто не е во Европа поканета на состанок на европски лидери


За прв пат во историјата, земја надвор од европскиот континент – Канада – е поканета на самит на Европската политичка заедница. Премиерот на Канада, Марк Карни ќе им се придружи на лидерите на 47 земји на 4 мај во Ереван, на собир што стана клучно место за координирање на одговорите на глобалните кризи.

Канада е поканета на следниот самит на Европската политичка заедница во Ереван на почетокот на мај, што е прв пат земја што не е од Европа да биде поканета на собирот.

„Заедно со премиерот Никола Пашинјан, го поканив канадскиот премиер Марк Карни да учествува како гостин на следниот самит на Европската политичка заедница во Ереван“, објави претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста.

„Европа и Канада не се само истомисленици, туку повеќе од тоа – заедно градиме глобален сојуз за одбрана на мирот, заедничкиот просперитет и мултилатерализмот“, нагласи Коста.

Во услови на тековните тензии со администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, Канада се стреми да ги зајакне своите трговски врски со Европа.

Самитот на Европската политичка заедница ќе се одржи на 4 мај во ерменскиот главен град Ереван.

Европската политичка заедница (ЕПЗ) е основана на иницијатива на францускиот претседател Емануел Макрон по руската инвазија на Украина.

Првиот состанок се одржа во Прага во октомври 2022 година.

Форумот ги обединува 47 европски земји, сите освен Русија и Белорусија, за да ги координираат одговорите на заедничките прашања и предизвици.

ЕПЗ нема свој секретаријат, постојан персонал или финансиски ресурси.

Самитите на ЕПЗ се одржуваат двапати годишно, едниот во земјата што претседава со Советот на ЕУ, а другиот во земја што не е членка на ЕУ.

Последниот се одржа во Копенхаген оваа есен за време на данското претседателство со Советот на ЕУ.