Русија ќе го обнови договорот за извоз на жито, но за 60 дена, остри реакции од Киев
Договорот што овозможува безбеден извоз на жито од пристаништата на Украина во Црното Море автоматски ќе биде продолжен по 18 март доколку нема забелешки од вклучените страни, објави руската државна новинска агенција ТАСС, пренесе Хина.
Повикувајќи се на неименуван извор запознаен со деталите од преговорите за договорот, ТАСС објави дека ниту една од инволвираните страни се уште не објавила повлекување.
Во понеделникот Русија предложи обновување на договорот со кој се овозможува безбеден извоз на жито од пристаништата на Украина во Црното Море, но само за 60 дена, што е половина од периодот од претходниот рок. ОН ветија дека ќе направат се што е можно за да се обезбеди интегритетот на договорот.
„Доколку страните немаат забелешки, договорот ќе продолжи и по 18 март“, изјави изворот на ТАСС.
Изворот рече дека должината на продолжувањето не е важна.
„Доколку договорот биде продолжен за 60 дена, тој продолжува по 18 март, додека по 60 дена една од страните може да го постави прашањето за негово раскинување“, додаде тој.
Прашањето за (не)обновување на договорот се одрази на цените на пченката и пченицата на пазарите.
Договорот за извоз на жито меѓу Русија и Украина, постигнат со посредство на ОН и Турција во јули минатата година, имаше за цел да спречи глобална прехранбена криза со тоа што ќе овозможи безбеден извоз на жито од трите украински пристаништа на Црното Море блокирани од руските сили.
Украинскиот министер за инфраструктура изјави дека рускиот предлог за продолжување од 60 дена „му противречи на документот потпишан од Турција и ОН“, договор што вклучува најмалку 120 дена продолжување.
Во соопштението за печатот во Женева, ОН објавија дека го „забележале“ рускиот предлог и нагласија дека лидерот на ОН „потврдил дека ОН ќе направат се што е во нивна моќ за да го зачуваат интегритетот на „Црноморската иницијатива“ и обезбеди нејзин континуитет“.
По разговорите со трговскиот претставник на Обединетите нации, Ребека Гринспан и највисокиот претставник на ОН за хуманитарни прашања, Мартин Грифитс, Сергеј Вершињин кажа дека Москва не се противи на ново продолжување“ по истекот на рокот, но само за 60 дена.
Вершињин, исто така, рече дека и покрај „сеопфатниот и искрен разговор“, Русија истакна дека ограничувањата за нејзините земјоделски извозници остануваат на сила.
-Нашата идна позиција ќе биде одредена со опиплив напредок во нормализацијата на нашиот земјоделски извоз, не со зборови, туку со дела, рече Вершињин, додавајќи дека тоа меѓудругото вклучува банкарски плаќања, транспортна логистика, осигурување и одмрзнување на финансиските активности. .
Портпаролот на американскиот Стејт департмент Нед Прајс изјави дека ова е „клучен момент“ во преговорите за Црноморската иницијатива.
Прајс вели дека на светот му е потребна иницијативата, за која тој тврди дека овозможува извоз на жито во земјите во развој, како и помага за намалување на цените на храната.
-Ова е клучна алатка во клучно време, рече Прајс.